
Фото: National Geographic
Џадав Пајенг живее на најголемиот речен остров во светот, наречен Маџули, а кој се наоѓа во средината на реката Брамапутра што тече низ Кина, Индија и Бангладеш.
Во текот на изминатиот век овој индиски остров доживеал тешка ерозија на почвата како резултат на честите поплави. Секоја година за време на монсуните реката ги уништува домовите и фармите, како и стотици квадратни километри земјиште.
Од 1917 година островот изгубил повеќе од половина од својата копнена маса поради ерозија.
Во 70-тите Пајенг одлучил сам да се обиде да го спаси островот, па така во изминатите 40 години тој успеал да засади 1.400 хектари шума - поголема од Централ парк во Њујорк.
Тој создал цела шума, а за животните, вклучувајќи носорози, тигри и слонови, оваа шума претставува дом. Поранешниот претседател на земјата го именувал како „шумаџија на Индија“.
Режисерот на документарци Вил Мекмастер ја открил приказната за овој човек и во 2014 година снимил краток филм кој победил на Канскиот филмски фестивал.

Фото: National Geographic
Во документарецот Пајенг објаснува:
„Сè засадив сам. На почетокот ми одземаше навистина многу време, меѓутоа, сега е многу полесно бидејќи имам семиња од самите дрвја. Кога дрвјата пораснаа, беше тешко да ги заштитам. Најголемата закана беа луѓето. Би можеле да ја уништат шумата за економска добивка, а животните повторно би биле ранливи. Бидејќи шумата е густа, 115 слона живеат тука околу 3 месеци годишно. Во мојата шума има и елени, носорози и многу тигри. После 40 години видовме како се враќаат и мршојадците“, вели тој.
„Сите видови на оваа планета се животни, вклучувајќи ги и луѓето - единствената разлика е во тоа што луѓето носат облека“, додава тој.
Џадав живее во колиба изградена од стапови од бамбус и секој ден оди до реката да собере вода и да засади повеќе дрвја.
„Ако ја развиеш индустријата за кокос, ќе биде корисно“, вели тој.
„Ќе побарам од Министерството за
земјоделство да го направи тоа. Кокосовите дрвја растат право и помагаат во спречување на ерозијата доколку се засадени доволно густо. Тие се добри за заштита на почвата, за зголемување на економијата и за борба против климатските промени“, завршува тој.