X
 05.10.2019 Живот

Село на Хималаите не дозволува внесување пластика за еднократна употреба

Лачунг, село во сојузната држава Сиким, во североисточниот дел на Индија (на Хималаите), забрани користење на пластика за еднократна употреба до таа мера што на луѓето при влегување во селото им се запленуваат пластичните шишиња и сличните предмети. Неодамна Би-би-си сними прилог за необичната практика на селото и разговараше со Тупден Лачунгпа, кој е еден од иницијаторите на забраната. Според Лачунгпа, тој и неговото село почнале вистинска мала војна против пластиката за еднократна употреба.

Тој вели дека целото село ја почитува природата, а брдата и реките ги сметаат за нивни божествени чувари. За себе велат дека многу се поврзани со природата, поради што некои луѓе селото го викаат Долина на цвеќињата, а поради тоа имаат и многу туристи. Проблемот е што многу од нив со себе носат големи количини пластичен отпад.

Пред три години одлучиле дека нешто мора да се преземе против трупањето на пластичниот отпад во селото. Лачунгпа и другите селани седнале и поразговарале со нивните старешини и успеале да состават закон со кој го забрануваат користењето на пластиката за еднократна употреба. Тупден вели дека таквата забрана не била опција, туку потреба. Тој смета дека ако луѓето сакаат да направат промена во светот, мора да почнат од дома.

Наместо пластични шишиња, во селото се користат шишиња направени од бамбус. Тие потсетуваат на класичните метални термоси за вода што денес може да се купат во речиси сите продавници. На гостите им се нудат колачи во садови направени од бамбус, а во продавница се оди со кошници. Не се користат ни пластични чинии ни вреќи. Наместо пластични садови за ситнење на зачините, во селото користат традиционални камени садови.


Лачунгпа и другите мештани ги дочекуваат комбињата и автобусите пред да влезат во селото и бараат да им се предаде пластиката за еднократна употреба. Тие не ја фрлаат пластиката, туку ја користат за други нешта. На пример, прават саксии за цвеќиња од шишињата што ќе ги запленат. Меѓутоа, ако некој е упорен и едноставно не сака да го предаде пластичното шише, мештаните парично го казнуваат.

Лачунгпа раскажува дека постигнале голема работа со забраната, но дека тоа сепак не е доволно. Сакаат да ги забранат сите видови пластика, а единствениот начин на кој можат да го постигнат тоа е со помош на целиот свет. Смета дека сите би требало да се согласат со нив и заедно да се борат против пластиката бидејќи, сепак, и следните генерации заслужуваат чиста околина.

- Имаме само една планета, мораме да ја заштитиме. Верувам дека Лачунг ќе послужи како пример за другите места во светот - заклучи Лачунгпа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот