X
 30.11.2017 Наука

Мажите потешко ја поднесуваат настинката - научниците објаснуваат зошто

мажи
Фото: Shutterstock

Мажите што потешко ги поднесуваат настинката, грипот и температурата од 37,2 степени одамна се предмет на исмејување и шега, но според едно истражување на германски научници, ова е вистина.

Д-р Беатрикс Грубек-Лебенштајн, професор на Универзитетот во Инсбурк, се занимава со истражување на разликите во имунолошкиот систем помеѓу половите. Резултатите од нејзините истражувања без сомневање добро ќе им дојдат на мажите чии жени не ги сфаќаат сериозно кога тие имаат грип или настинка.

„Едноставно кажано, поради разлики во имунолошката реакција на болеста, мажите почесто се разболуваат од жените“, вели Лебенштајн.

Таа објасни дека антипатогените микроорганизми што го напаѓаат организмот се борат со клетки со специфична имуност и клетки со неспецифична имуност. Неспецифичните клетки се задолжени само за борбата против одредени патогени, како што е грипот, и во тој случај на организмот му овозможуваат самиот да се брани против цел спектар вируси, бактерии и паразити.

Но релативно мал е бројот на секој вид специфични клетки. За да се уништи патогениот организам, специфичните имуни клетки мора да се помножат милион пати.

Женскиот имунолошки систем реагира многу побрзо и поагресивно на патогените организми отколку машкиот.

Овде доаѓаат до израз разликите во имунолошката реакција меѓу половите: додека женскиот хормон естроген помага при размножување на специфични клетки, ефектот на машкиот хормон тестостерон е спротивен.

Претходните истражувања покажаа дека естрогенот има силни антивирусни својства против вирусот ХИВ, ебола и хепатитис. Така, естрогенот го стимулира имунолошкиот систем, а тестостеронот го потиснува, потврдува д-р Маркус Алтфед, шеф на Одделот за имунолошки истражувања на Институтот „Хајнрих Пете“ од Хамбург, каде што ја истражува биологијата на човековите патогени вируси.

„Женскиот имунолошки систем реагира многу побрзо и поагресивно кон патогените микроорганизми отколку машкиот“, објаснува тој, укажувајќи дека како што нивото на машкиот тестостерон е повисоко, така имунолошкиот систем на мажите е послаб.

Научниците признаваат дека не им е јасно зошто хормонот што на мажите им дава голема машкост истовремено им го прави имунитетот послаб. Тие сметаат дека еден од потенцијалните одговори треба да се бара во далечното минато, имајќи предвид дека човечкиот имунолошки систем се развива милиони години.

Во каменото време нашите предци живееле во пештерите и биле изложени на разни опасности. Целта на женскиот имунолошки систем, и тогаш, како и денес, е иста - да го заштити нероденото дете и/или новороденчето, со што имунолошкиот систем на жената морал да биде посилен.

И Грубек-Лебенштајн ја поврзува женската имунолошка реакција со раѓањето и мајчинството: ефектот на естрогенот е посебно силен кај младите жени после пубертетот. Се намалува со возраста, особено по менопаузата.

Меѓутоа, тестостеронот не е единствената причина зошто мажите полошо ги поднесуваат вирусните настинки - постојат и други фактори. Мажите почесто нездраво се хранат и помалку се дисциплинирани кога станува збор за вакцинацијата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука