Американскиот актер Стејси Кич (85) почина во семејниот дом во Полска, по долга борба со срцева болест и срцева слабост, изјави неговата сопруга.
Американскиот глумец Стејси Кич, познат по улогите во филмовите „Борновиот идентитет: Наследство“ и „Американска историја Икс“, како и во серијата „Сина крв“, почина во вторникот на 85-годишна возраст. Неговата сопруга изјави дека починал во семејниот дом во Магдаленка, Полска, по долга и тешка борба со срцева болест и срцева слабост.
Кич глумеше сè до своите осумдесетти години. Неговата последна улога беше во филмот „Џеј Кели“ од 2025 година, во кој глумат Џорџ Клуни и Адам Сендлер. Сопругата изјави дека неговото заминување остава неизмерна празнина, но дека неговата личност, препознатливиот глас и љубовта ќе останат со семејството.
Публиката го памети и како приватниот детектив Мајк Хамер во серијата „Мајк Хамер на Мики Спилејн“, за која во 1985 година беше номиниран за „Златен глобус“. Во серијата „Сина крв“ го глумеше кардиналот Кевин Кернс, а се појавуваше и во сериите „Два со и пол мажи“, „Реј Донаван“, „Бегство од затвор“ и „Симпсонови“.
Меѓу неговите попознати улоги се оние во филмовите „Во чад“ од 1978 година и „Борновиот идентитет: Наследство“ од 2012 година. За театарската работа беше номиниран за наградите „Тони“ и „Оби“, а во 2015 година беше примен во Куќата на славните на американскиот театар. Во 2019 година доби ѕвезда на Патеката на славните во Холивуд.