X
 11.12.2017 Живот

Дали Алберт Ајнштајн бил атеист?

ajnstajn

Од Карл Сејган до Стивен Хокинг и Нил де Грас Тајсон, луѓето се насочуваат кон големите умови на науката за да го разберат универзумот. Затоа, разбирливо е тоа што луѓето се љубопитни за нивните ставови за религијата.

Хокинг веќе го кажа својот став во врска со религијата (Во 2014 изјави „Јас сум атеист“), но Сејган и Тајсон се резервирани кога станува збор за ова прашање. „Зошто едноставно не почекате да видите дали постојат докази?“, праша Сејган, додека Тајсон изјави дека постоењето на Бог е научна хипотеза, како и секоја друга. Но што мислел за религијата Алберт Ајнштајн? И покрај неговите најпознати цитати за религијата, неговите ставови за Бог, изненадувачки, биле неверојатно сложени.

„Науката без религија е еднолична, религијата без науката е слепа“. Од овој цитат може да се забележи дека Ајнштајн верувал. „Со оглед на хармонијата во вселената што можам да ја препознам со мојот ограничен човечки ум, има луѓе што велат дека не постои Бог. Но она што ме лути е дека ме цитираат кога ги истакнуваат ваквите нивни гледишта“.

„Сакам да знам како Бог го создал светот. Не сум заинтересиран за овој или оној феномен, во спектарот на овој или оној елемент. Сакам да ги знам неговите мисли. Другото се детали“.

Сепак, во секоја изјава во која ја поддржува религијата може да се најде друга со која покажува дека е атеист. Во неговите „Автобиографски белешки“ што ги напишал на 67 години, тој се сеќава на неговото детство. Кога бил момче, неговите родители во домот примиле ортодоксен еврејски студент по медицина. Човекот го учел Ајнштајн на принципите на јудаизмот и му ја дал неговата прва научна книга.

Иако неговите родители биле атеисти, Ајнштајн напишал: „Дојдов до длабока религиозност, која сепак, достигна ненадеен крај на 12 години. Преку читањето на популарните научни книги наскоро станав убеден дека многуте приказни за Библијата не може да се вистинити“.

„Зборот Бог за мене е ништо повеќе од израз и производ на човечката слабост. Библијата е збирка на чесни, но примитивни легенди кои се прилично детски. Ова никогаш нема да се промени за мене“, напишал тој во јануари 1954 година, само една година пред неговата смрт.

Неговиот познат цитат „наука без религија“ доаѓа од една статија што ја напишал за симпозиум за наука, филозофија и религија во 1941 година.

Во оваа статија тој ги објаснува своите ставови многу јасно. Науката и религијата не се спротивставени, бидејќи тие се занимаваат со различни работи: науката може само да утврди она што е, но не и што треба да биде, додека религијата се занимава со процени на човечката мисла и акција. Сепак, науката и религијата зависат една од друга. Научниот метод ѝ помага на религијата да ги достигне своите цели, додека науката може да биде создадена од оние што се темелно проткаени со аспирацијата кон вистината и разбирањето. Според Ајнштајн, ова има свои корени во религијата.

Експертите појаснуваат дека кога Ајнштајн се осврнал на Бога во своите дела, тој повеќе го употребил концептот како метафора отколку како изјава за вера. „Кога Ајнштајн зборувал за Бог, тој сметал дека универзумот е под власт на апсолутни и постојани закони“, вели физичарот Ханс С.Оханиан.

Кога Ајнштајн велел работи како: „Кога ја оценувам теоријата, се прашувам себеси ако јас бев Бог, дали на овој начин би го уредил универзумот?“, тој не сугерирал дека вселената била изградена од семоќно битие; наместо тоа, тој се обидел да ги интегрира научните теории во неговото разбирање за тоа како универзумот веќе функционира. Можете да го наречете деист или можеби агностик како Сејган. Но тој не бил ниту вистински верник ниту прогласен атеист.

Но тоа не значи дека не бил духовен во својот пристап. „Колку повеќе напредува духовната еволуција на човештвото, толку повеќе ми се чини дека патот кон вистинската религиозност не лежи низ стравот од животот и стравот од смртта и слепата вера, туку преку стремењето кон рационално знаење. За Ајнштајн, единствениот пат кон она што го сметал за Бог бил преку длабоко разбирање на универзумот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот