X
 10.07.2018 Економија

Данок на дишење, данок на социјални мрежи, данок на кучиња... Ова се најлудите даноци во светот!

Многу често луѓето на шега велат дека само две работи на светот се сигурни – смртта и даноците, а изгледа дека смртта е побезболна затоа што човек само еднаш може да умре, но даноците мора одново и одново да ги плаќа.

Иако главно луѓето се помирени со обврската за плаќање даноци, сепак, поединечни земји претеруваат со оданочувањето на некои работи. Но, она што нам ни изгледа смешно и чудно, во некои земји се сфаќа како многу сериозна работа за која жителите се обврзуваат да плаќаат такси и даноци. Еве неколку примери:


Калкулатор и хартии со бројки
(Фото: Pixabay)


Уганда данок на социјални мрежи

Од 1 јуни оваа година Уганда воведе данок за користење на социјалните мрежи и апликации, како „Фејсбук“, „Твитер“ и „Вацап“. По воведувањето на овој многу контроверзен данок граѓаните што ги користат споменатите мрежи ќе мора да платат 200 шилинзи, односно 0,05 долари дневно, само за деновите кога ќе ги користат.

Претседателот на Уганда, Јовери Мусевени, изјави дека данокот е неопходен за државата да може да им се спротивстави на лажните вести што се шират по социјалните мрежи. Граѓаните на Уганда се противат на овој данок и ја обвинуваат владата дека им го крши правото на слободен говор.

Не е првпат Мусевени да донесе мерка против користењето на социјалните мрежи, затоа што во 2016 година, во текот на изборите, го суспендирал пристапот до нив, тврдејќи дека луѓето ги користат за ширење лаги.

Танзанија – данок на блогирање

Од 16 март оваа година владата на Танзанија воведе данок за сите креатори на интернет-содржини, кој се плаќа на годишно ниво и тоа во износ од 440 долари. Дополнително, сите даночни обврзници мора да добијат лиценца за да продолжат да се занимаваат со таа работа.

Воведувањето на најновиот данок на блогирање всушност не се однесува само на блогерите, туку и на корисниците на социјалните мрежи, членовите на интернет-форумите, креаторите на видеа и поткасти, интернет-радија и телевизии, но и на претплатниците на онлајн-содржини.

Исто така, од блогерите и од креаторите на интернет-содржини се очекува да се регистрираат пред танзаниското регулаторно тело за комуникации, како и да прифатат да не објавуваат навредливи содржини како порнографија, голотија, насилство, говор на омраза, лажни вести и вознемирувачки содржини.

Почетните трошоци за регистрација изнесуваат 100.000 танзаниски шилинзи, односно 44 долари. Освен тоа, блогерите и креаторите на интернет-содржини ќе мора да платат и надоместок за лиценца во износ од 440 долари, почнувајќи од годината во која ја добиле дозволата. Лиценцата ќе мора да се обновува секоја година. Казните за оние што нема да се придржуваат до овие правила изнесува 2.500 долари или една година затвор.

Швајцарија – данок на кучиња


Жителите на Швајцарија што имаат кучиња мора да плаќаат годишен данок за своите домашни миленичиња, во спротивен случај би можеле да им бидат убиени. Данокот не е прецизно утврден, туку зависи од големината на животното. Во зависност од општината, кучињата-водичи и спасителите можат да бидат ослободени, или да им се намали данокот.

Вообичаено, како што се случува и со другите даноци, обврзниците понекогаш одбиваат да ги плаќаат. За да се осигурат дека сопствениците ќе го плаќаат овој данок, властите на селото Реконвилер, каде што има 280 кучиња, се заканиле дека ќе ги погубат сите животни чии сопственици ќе одбијат да плаќаат данок. Во тоа време данокот изнесувал 48,5 долари годишно.

Властите на ова село не дошле сами до оваа идеја, затоа што во 1904 година веќе постоел закон кој ги предвидувал истите мерки, а бил во сила до 1960 година.

Германија – данок на религија


Во Германија од католичките и протестантските верници се очекува да плаќаат одреден данок на доход за финансирање на своите цркви. Данокот го собира владата, а потоа го проследува до црквите. Ваквиот начин на собирање средства претставува значителен приход за двете цркви во земјата.

Единствениот начин верниците да го избегнат плаќањето на данокот е официјално да ја напуштат црквата, но тоа, од друга страна, значи и губење на одредени привилегии. Секој Германец што официјално ќе ја напушти католичката или протестантската црква автоматски го губи правото на религиозен погреб и пристап до сите црковни и одредени државни училишта. Исто така, во тој случај го губи правото на причестување и исповед.

Венецуела – данок на дишење

Венецуела всушност не наплаќа данок на дишење, туку воведе посебен термин „данок на дишење“ во износ од 127 боливари, односно 20 долари за патниците што полетуваат од меѓународниот аеродром во Каракас. Властите изјавиле дека данокот е неопходен за да се покријат новите системи за филтрирање на воздухот на аеродромот.

Франција – данок на паметните телефони и таблети

Франција во текот на 2013 година размислуваше да воведе посебен данок за користење паметни телефони и таблети, кој би изнесувал еден процент од вредноста на уредот, а би се користел за финансирање и создавање нови француски филмови, музика и слики.

Данокот се заснова на политиката на културни исклучоци воведена во 1993 година, а според која од француските емитувачи се очекува да плаќаат такса за култура за финансирање и промовирање на натамошни француски културни проекти.

Америка – данок на мито, украдена стока и други илегални приходи


Службата за внатрешни приходи на САД (ИРС) бара секој што ќе прими мито, да го пријави тоа како дел од својот приход и да плати важечки данок. ИРС исто така бара да се пријавуваат приходите од илегални активности, како трговија со наркотици, за да се плати соодветен данок.

Во случаи на кражба, од арамиите се очекува да платат соодветен данок на моменталната вредност на украдената стока, а оној што ќе ја врати украдената стока ќе биде ослободен од данок за годината кога ја украл.

Оданочувањето на незаконски приходи е многу контроверзно. Тоа е спротивно на Петтиот амандман, кој му дава право на лицето да се заштити од вплеткување во криминални активности. Меѓутоа, од ИРС го пресметале и тоа, па затоа на секој што се занимава со илегални работи му се овозможува да не го открива начинот на кој дошол до пари. Доволно е само да го наведе во графата „други приходи“ и да го плати важечкиот данок.

Романија – данок на вештерство

Вештерството и гатањето претставуваат добар бизнис во Романија, каде што сè уште има многу суеверни луѓе, а данокот за практикување вакви активности е воведен откако Романија се најде во состојба на рецесија.

За да прибере што повеќе средства, владата на Романија наметна даноци на неколку професии кои порано не биле оданочувани. Ова ги вклучи и контроверзните професии како вештерство, гатање, занимавање со астрологија, но и професиите како инструктори по нуркање или лични слуги. Според новиот закон, сите морале да плаќаат 16% од своите приходи како данок.

Воведувањето на овој данок ги подели романските вештерки. Некои од нив сметаа дека со оданочувањето нивната професија станала призната во нивната земја. Но имало и такви што не сакале да плаќаат данок, па се заканувале дека ќе фрлат клетви врз владата.

Америка – данок на марихуана

Легализацијата на марихуаната и натаму е предмет на дебата во САД. Медицинската марихуана, која може да се набави само со лекарски рецепт, е легална во 29 држави и во Вашингтон, додека рекреативната марихуана, која се користи од задоволство и за која не е потребен рецепт, е легална само во 9 држави и во Вашингтон. Сепак, американската сојузна влада ја смета марихуаната за незаконска работа, и покрај контрадикторните државни закони.

Сепак, ИРС бара од компаниите што одгледуваат и продаваат марихуана да плаќаат сојузен данок на оваа илегална супстанција, што главно е повисок од данокот што го плаќаат другите компании.

Германија – данок на радио и ТВ

Во текот на седумдесеттите години Германија вовела посебен данок за граѓаните што поседуваат радио и ТВ-уреди. Тој изнесува околу 20 долари месечно и се користи за финансирање на државните телевизиски и радиомрежи. Данокот предизвикал граѓански немири во 2013 година, кога владата барала да го плаќаат сите граѓани, дури и оние што не поседувале такви уреди.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија