X
 17.04.2018 Живот

Ах Бостон, зошто мораше да бидеш толку тежок? - Атанас Наумов е првиот Македонец што ги истрча шесте светски маратони!

На километар пред крајот беше време да се вее македонското знаме и тука од возбуда, среќа, радост ги трчав последните километри со солзи, низ глава ми поминаа сите маратони досега, сѐ што сум вложил, целиот труд, посветеност, истрајност. Ги добив двата медала, едниот од Бостон, другиот за завршени сите шест маратони – ни изјави Наумов

Атанас Наумов

Ахх Бостон, зошто мораше да бидеш толку тежок? - ова беше прашањeто што си го поставив по неколку часа откако завршив – ни изјави Атанас Наумов, првиот маратонец од Македонија кој успеа да ги заврши шесте светски маратони! Во лоши временски услови, со пороен дожд и силен ветер, тој вчера го заврши најстариот и најпосакуваниот маратон на светот, Бостонскиот. Го заврши за 3:00:59 и го постави својот личен рекорд.
Уште еден маратонец од Македонија ја реализира истата мисија. Ангел Арнаудов од с. Стојаково, Гевгелиско, го заврши Бостон (со време од 5:00:32) и го доби посакуваниот медал за шесте завршени маратони.
Специјално за Факултети.мк, Наумов изјави:
- Временските услови беа од лоши-полоши, пороен дожд, ветер од 40 до 50 км на час, температура околу 2-3 степени, на стартот буквално се тресев од студ, а и два часа пред стартот веќе бев целиот мокар. Бев премногу исплашен дали носам соодветна облека за маратонот и дали ќе успеам да го завршам. Но, како почна трката, престанав да мислам на тоа, телото почна да се загрева добро и сѐ одеше подобро отколку што очекував. Иако бев целиот воден, улиците ко река со вода, ветер, телото реагираше добро. На полумаратон веќе имав премин од 1:29 и тоа беше најдобар показател дека сум на добар пат за резултат од околу 3 часа – објасни Наумов.


На моменти дождот станувал пороен, телото му се тресело од студ, но пред него имал само една цел - да го заврши маратонот и конечно да ги комплетира сите шест маратони.
- На 34. км следуваше последниот рид за искачување „Heart Break“ (името кажува сѐ), тука намалив малку и ја изгубив таа минута предност за да финиширам под 3 часа. На километар пред крајот беше време да се вее македонското знаме и тука од возбуда, среќа, радост ги трчав последните километри со солзи, низ глава ми поминаа сите маратони дотогаш, сѐ што сум вложил, целиот труд, посветеност, истрајност. Ги добив двата медала, еден од Бостон, другиот за завршени сите шест маратони – ни изјави Наумов.


Њујорк, Чикаго, Берлин, Токио, Лондон и Бостон ја креираат листата со светски маратони обединети под Abott World Major Marathons.
Во интервјуто што неодамна го направивме на Факултети.мк, Наумов ни откри дека почнал да трча во 2014 година. Првите 5 км ги истрча на Скопскиот маратон и оттогаш жарта за маратонското трчање само се разгоруваше.


Ангел Арнаудов
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот