X
 08.02.2018 Живот

„365 работнички права за младите“ - Во Македонија 53.000 млади луѓе се невидливи за институциите

Прочитајте каква е состојбата со младите во Македонија денес, нивните шанси за вработување, третманот, свесноста за своите права како работници, преку ставовите на осум панелисти што учествуваа на дебатата „Колку се почитуваат работничките права на младите во Македонија“, која е дел од националната кампања „356 работнички права за младите“ што ја организира Коалицијата на младински организации „Сега“ во соработка со порталот Факултети.мк




Околу 53.000 млади луѓе во Македонија се темна бројка за институциите. Никој не знае каде се, што работат, некаде се, обесхрабрени. Секое второ лице работи неформално. Како никогаш да не работело.
Ова се дел од фрапантните податоци што вчера ги изложи Емил Крстановски, национален координатор на Меѓународната организација на трудот во Македонија. Тој учествуваше на панел-дискусијата „Колку се почитуваат работничките права на младите во Македонија“, која е дел од националната кампања „365 работнички права за младите“ што ја организира Коалицијата на младински организации „Сега“ во соработка со порталот Факултети.мк.


Емил Крстановски

Состојбата со младите во Македонија денес, нивните шанси за вработување, третманот, свесноста за своите права како работници, ја претставија осум панелисти преку интересни податоци, секој од свој аспект. Модератор беше Зоран Илиески, извршен директор на „Сега“. Тој во уводниот дел ја објасни кампањата, која ќе трае цела година, а во нејзини рамки ќе се одвиваат обуки, работилници и многу активности. Секој ден на Факултети.мк се објавува по едно работничко право кое треба да стигне до крајната публика - младите.
- Ќе имаме многу активности и на локално ниво. Дискусии со младите, со работодавците, со претставниците на синдикатот. Ќе имаме и забавни квизови, инфо-денови, ќе сториме сè за да стигнеме до младите, да ги информираме за нивните работнички права – рече Илиески.


Зоран Илиески

Кои работнички права се најчесто повредувани

Во Државниот инспекторат за труд секоја година стигнуваат просечно по 30 илјади пријави за повреда на работничките права, вели Аљајдин Хавзиу, директор на институцијата што работи во рамките на Министерството за труд и социјална политика. Работата им е обемна бидејќи опфаќа околу 700 илјади вработени. А секој од нив може да има потреба од трудова инспекција.
- Главниот хендикеп што го имаме денес е поврзан со темата за која зборуваме. Малкумина сме, потребни ни се инспектори. Се надевам дека ќе го надминеме овој проблем и ве охрабрувам да се пријавите да работите кај нас. Во дејноста генерално се водиме според Законот за работни односи, кој, верувајте, е обемен, со многу детали. Работиме самостојно, а во сферата на работните односи ние сме оние шест очи што сè гледаат – објасни Хавзиу.


Аљадин Хавзиу

Тој ги советува сите што почнуваат да работат на ново работно место да ги читаат убаво договорите бидејќи таму сè е дефинирано. За сите заинтересирани, рече дека нивната интернет-страница по долго време профункционирала и таму граѓаните можат добро да се информираат.
Нередовна плата (или неисплатена), работа под притисок, дискриминација, особено кон жените, нееднакви услови, неисплаќање на пензиско и здравствено осигурување се најчестите примери на повредување на работничките права на младите, вели Благоја Ралковски, директор на Конфедерацијата на слободни синдикати. Тој вели дека долго време се занимаваат со оваа тема, која е срж на низа понатамошни компликации и проблеми.


Благоја Ралковски

- Нема работа, младите се разочаруваат и се иселуваат од Македонија, а тие што остануваат прифаќаат да работат во секакви услови. Посебна категорија е работата на интернет. Работат за одредени хонорари, сосема несвесни за своите права. Ова е закана за општеството. Мора да ги охрабриме младите да бидат свесни за својата положба. Секој има право на заработка, на одмор, на боледување, на придонеси, на синдикално организирање – вели Ралковски.

Бидете храбри и пријавете

Крстановски ја поддржа кампањата на „Сега“ и Факултети.мк и побара да се приклучат и работодавците. Тоа може да биде од полза бидејќи главен проблем на младите денес е како да дојдат до работа.
- Според статистиката, 80 отсто од младите откако ќе завршат образование, чекаат повеќе од една година за работа. Кај високообразованите просекот е околу една година, кај тие со средно образование – 32 месеца, додека кај тие со основно образование просекот е дури 62 месеца. Договорите за работа се на еден, три или шест месеци, што им ја зголемува несигурноста. Дури за 53.000 млади не знаеме каде се, немаме информација за нив. Ова се сериозни предизвици за Владата, која не може да допре до нив. Единствена шанса е невладиниот сектор – објасни Крстевски.

Интересни ставови истакна адвокатката Анета Баснарков. Таа е децидна дека во ситуацијата целосно се засегнати и работниците и работодавците. Од нејзиното искуство, младите се целосно збунети. Бараат начин само да се вработат, тотално несвесни какви се нивните обврски, кои се нивните права.
- Треба сите заедно да работиме многу за да се подигне свеста. Бидејќи работникот кој денес стапува на првото работно место, за неколку години ќе биде менаџер и работодавец – вели Баснарков.


Анета Баснарков

Таа преку примери објасни како се исплати храброста на работниците да пријават повреда на работнички права. Четири години траел процесот на вработен во познато акционерско друштво кој добил отказ без основана причина.
- По завршувањето на сите процеси тој го доби случајот и му беа исплатени платите и придонесите за сите изгубени години. Но, сме имале ситуации и кога работодавецот го тужи работникот за несовесно работење. Оваа кампања ќе има бенефит. Но заклучоците треба да се сублимираат и да се имплементираат во законските решенија и регулативи – рече Баснарков.

Не им било дозволено да одат во тоалет

Резултатите од анкетата на тема „Колку младите ги познаваат своите работнички права“ што ја спроведе Факултети.мк ги претстави Марјан Алексовски, директор и еден од основачите на порталот. Анкетата покажа интересни бројки. Учествуваа 1.239 испитаници кои може да се земат како репрезентативен примерок. Од учесниците, 70,4 отсто биле жени, а 29,6 отсто мажи. Повеќе од половина (51,5 отсто) се со високо образование, 26,5 отсто со средно, а 16,2 отсто со магистратура. Има и доктори на науки.


Марјан Алексовски

- Анкетата покажа дека 60,2 отсто од испитаниците се делумно информирани за своите права. Околу една четвртина, односно 24,1 отсто се одлично информирани, а останатите или немаат каде да се информираат или воопшто не се свесни дека имаат свои права – вели Алексовски.

Интересен е податокот дека 9,9 отсто одговориле дека нивниот договор со работодавецот бил устен. Најчести ситуации во кои вработени се соочиле со повреда на работничките права се: останале прекувремено на работа (неплатено), не им било дозволено да користат годишен одмор, работеле на празник, а не им била исплатена дневница, враќале дел од платата во готово.
- Дури 42 од испитаниците одговориле дека не им било дозволено да одат во тоалет. Тоа веќе не е повреда на работничките, туку на човековите права – рече Алексовски.

Резултатите од анкетата се објавени и достапни на Факултети.мк. ТУКА
Сите што сакаат да се консултираат за повреда на работничко право и за тоа да добијат соодветен одговор, тоа може да го сторат на електронската адреса 365prava@fakulteti.mk

Александра Дичевска од Агенцијата за млади и спорт најави проекти преку кои ќе се спојат младите и бизнис-секторот. Во тек е подготовка на национална младинска картичка, а се преговара и за Европска младинска картичка, која ќе нуди 100 илјади бенефиции за младите.

Елена Лазова од Младинскиот информативен центар од Кавадарци (членови на коалицијата „Сега“) кусо и елоквентно ги претстави националната кампања и наредните активности.
- Од март почнуваме со инфо-денови во основните, средните училишта и факултетите, ќе има и натпревар за најдобра фотографија. Секој месец ќе има по една активност. Крајната цел е младите да се информираат за своите права – рече Лазова.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот