X
 27.02.2018 Култура

Марјан Алчевски, сценарист: Не можеме да имаме заедничка култура само кога ни се допаѓа или е светски признаена. Тоа е лицемерно!

Се надевав дека „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески нема да има толку голем домашен и меѓународен успех за да му влетам со некој иден проект. Сега, како тргна работава, моите агенти ќе треба да се чујат со неговите агенти, се шегува Алчевски

Како од пушка одекна информацијата пречекана со радост дека Македонец е сценаристот на нова ТВ-серија под капата на „Ејч-би-о Адрија“, а во режија на оскаровецот Данис Тановиќ. Марјан Алчевски е сценарист кој веќе 18 години живее во Загреб. Таму завршил драматургија и сценарио на Академијата за драмски уметности и твори во повеќе области – ТВ-шоуа, детски програми, сценарија за кратки филмови, документарци.


Тој е автор на сценариото за хитот на Атанас Георгиев - „Cash and Marry“ од 2009 година. Алчевски е исправен пред нов голем предизвик, напиша сценарио кое врвна продукција го препозна, а ја доби шансата да соработува и со големо режисерско име.

На овој избор му претходеше натпреварот во огромна конкуренција First Draft во рамките на Сараевскиот филмски фестивал 2016 година. Среќен ли сте што некој Ве препозна меѓу многумина талентирани?
- По 12 години професионална кариера како сценарист веројатно дојде ред и талентот да ми се познае. Пред конкурсот на „Ејч-би-о Адрија“ тие веќе одбија едно мое сценарио. Мене конкурсот ми беше втора шанса. И многу сум среќен и горд што бев еден од двата победници. Колку и да е убаво кога имаш талент, уште поубаво е кога напорно работиш и на крајот гледаш резултат на својот труд.

Ќе соработувате со меѓународно најафирмираниот режисер од БиХ, кому ова ќе му биде прва ТВ-серија. Тој изјави дека сценариото е брилијантно напишано. Ве фаќа ли трема како ќе тече процесот на снимање и реализацијата?
- Мене тремата ми почна дента кога ги објавија победниците на конкурсот, уште пред да знаеме дали серијата ќе се снима, а камоли кој ќе ја режира. Данис Тановиќ е одличен режисер и прекрасно е што се нафати да ја режира сериjата „Успех“. Неговото искуство, енергија и љубов и страст кон серијата мене многу повеќе ми значат од многубројните награди што ги има освоено. „Успех“ е современа драма за обични луѓе во необична ситуација. Фокусирана на ликовите што се трудат повторно да преземат контрола над своите животи, по еден насилен настан. Почнуваат да се прашуваат дали воопшто некогаш и имале контрола. И што сега, ќе ја свиткаат ли главата или ќе се борат? Тановиќ многу добро ја чувствува таа тематска основа на приказната и знае точно како да ѝ пристапи. Плус, соработката со него е убавина.



Сте работеле во повеќе телевизиски и филмски жанрови досега. Сакате ли да играте со жанровите? Предизвик ли е секоја нова форма на изразување?

- Блазе им на оние писатели што можат да пишуваат само во еден жанр или род. Денес, да бидеш сценарист, значи да го пишуваш она за што постои интерес од страна на продуцентите. Знам дека отстрана изгледа како возбудлива работа, малце ова, малце она, но реалноста е таква што пишувам по потреба ако сакам да заработам од своето пишување. Досега никој не се понудил да ми каже: „Марјане, што сакаш пишувај, еве ти хонорар, кога ќе напишеш, ќе видиме што е“. Телевизијата и филмот се скапи играчки, сите вклучени во процесот цело време размислуваат како ќе го реализираме проектов, има ли пазар за ова, кој ќе го гледа, кој ќе го финансира. Кога би имал избор, најверојатно би работел само ТВ-серии. Но, тој избор, за жал или за среќа, нема да го имам никогаш.

Светот гледа ТВ-серии. Не е ниту регионот подалеку од овој тренд, а во Македонија во последните неколку години се случува своевидна револуција со снимање повеќе целосно домашни серии. Од аспект на сценарио, има ли тајна за успех на добра серија?
- Нема тајни за успех во животот, па така ни тајна за успех во добрата серија. Успехот на сериите го мериме со интересот на публиката. Јас не знам како ќе реагира публиката на она што го пишувам. Мојот успех зависи од неа, а немам поим што ќе ѝ се допадне. Она што го знам е дека публиката не е глупава. Гледачите сакаат возбудлива приказна. Сакаат тема која им е битна. Сакаат кога ќе ги засакаат ликовите. Сакаат кога утре може да си направат муабет за тоа што го гледале. Јас се трудам тоа да им го понудам. „Фамилијата Марковски“ е одличен пример како одеднаш, како од небо да паднало, можеме да гледаме добра серија која е работена со срце и со желба да се направи нешто квалитетно. Таа амбиција публиката може да ја препознае, дека се вложени многу труд и многу љубов. А добро е и кога има барем малце смешки.


Средно школо завршивте во Скопје. Како Академијата за драмски уметности од Загреб стана Вашиот избор?
- Имав 22 години кога се преселив во Загреб. Работев во некои невладини организации, се заљубив, одлучив да заминам од интимни причини, не поради кариера. Почнав да пишувам ноќе и сопругата ми рече: „Ако веќе пишуваш ко вампир по цела ноќ, оди учи за тоа, направи си кариера од тоа“. Мислам дека оттогаш сто пати зажали што ми го кажа тоа. Сѐ уште пишувам ноќе, сега имам убава кариера, но товарот за стабилен приход долги години беше на нејзиниот грб. Деновиве во Македонија се води голема расправа околу субвенциите во културата, кој требало да ги добие и за што, дали воопшто културата да се плаќа од државен џеб. Без да ви се мешам отстрана, само сакам да ги потсетам сите оние што се горди кога ќе ја видат веста дека Македонец пишува серија за Ејч-би-о, дека без субвенции во културата македонската публика засекогаш ќе биде осудена да биде консумент на странски содржини, без субвенции не можеме да се натпреваруваме на глобалниот културен пазар, дека е бесмислено да се гордеете со мене или со мојот успех ако ви смета што во 2009 година работев на документарен филм платен делумно од државен џеб. Не можеме да имаме заедничка култура само кога ни се допаѓа или кога е светски призната. Тоа е лицемерно. Џабе ни се и јазикот и името кога нема да имаме кој да твори на тој јазик, кој да се потпише со тоа име.


Cash and Marry од 2009 година беше вистински хит во Македонија и пошироко. Оттогаш не сте имале соработка на македонски проект. Посакувате ли да Ви се случи?
- Јас се надевав дека „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески нема да има толку голем домашен и меѓународен успех за да му влетам со некој иден проект. Сега, како тргна работава, моите агенти ќе треба да се чујат со неговите агенти. Речиси 18 години не живеам во Македонија. Би сакал да работам нешто таму, но не сум во состојба да иницирам некој филм или серија вака од туѓина. Ако се појави некоја шанса, ако некој сака да соработува со мене, тоа би било прекрасно, се разбира дека би сакал, барем малку да пишувам и на мајчиниот јазик.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура