X
 01.04.2018 Наука

Со секој оброк голтаме по 114 пластични делчиња

Можеби голтаме повеќе од 100 мали пластични честички со секој главен оброк, открива нова шокантна студија. Пластиката, која може да дојде од мек мебел и синтетички ткаенини, влегува во прашината низ домот, која паѓа на чиниите и потоа се консумира.


Фото: Pixabay

Британски научници го открија ова откако во три домови за време на оброци покрај чиниите за вечера поставија садови кои содржеа лепливи стапици за прав. Во садовите со лепливи стапици се пронајдени до 14 парчиња пластика на крајот од 20-минутниот оброк - што е еднакво на 114 пластични влакна што паѓаат на просечната чинија за вечера бидејќи таа е многу поголема.

Научниците од Универзитетот Хериот Ват во Единбург заклучија дека просечниот човек голта до 68.415 потенцијално опасни пластични влакненца годишно и тоа само за време на јадење. Студијата го потврдува алармантното ширење на пластиката во воздухот, неодамна откриено од „Дејли Мејл“. Истрага на овој весник откри дека филетите од свежа риба од отворени пултови во големите маркети содржат до 139 парчиња пластика за секои 240 грама.

Честичките биле премногу големи за да поминат од цревата во месото на рибите, па научниците од Универзитетот во Портсмут, кои ја надгледувале истрагата, веруваат дека пластика доаѓа од загадувањето на воздухот.

Експертите предупредуваат дека внесувањето пластични честички може да ги оштети белите дробови, да ги затруе бубрезите и да се вмеша во хормони.

Претходно се мислеше дека ризикот за здравјето на луѓето во голема мера е од јадење риби загадени со пластичен отпад во океаните. Но, научниците од Единбург почнаа да ги споредуваат пластичните влакна во школките со износот во просечен оброк. Тие најдоа помалку од две микропластики во секоја школка, што може да се поврзе со морската средина, и заклучија дека просечниот човек може да очекува да изеде 100 пластични честички годишно преку јадење на школки.

Но, тие ќе внесат нешто од 13.731 до 68.415 влакна за една година за време на оброците поради прашина во домаќинството.

Пластичните влакненца пронајдени во оброците зготвени дома не потекнуваат од храната или околината за готвење, туку од домашната прашина, сметаат авторите. Јадењето е начинот на кој луѓето можат да ја внесат оваа прашина, како и да ја вдишат од воздухот.


Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука