X
 10.05.2024 Наша тема

Христиjана работи во Швајцарија, а сестра ѝ Христина во Германија: Да се оди на психолог во западните земји е секојдневие, зошто да не биде и кај нас така?

И двете живеевме и завршивме во Македонија. Психијатриските теми беа и сѐ уште се табу-тема. Нашата цел е информативна, пред сѐ, да ги информираме луѓето за одредени теми, да ја зголемиме свеста дека како и сите други заболувања, така и психијатриските заболувања се нешто што може да се случи и за кое е потребно соодветно лекување. Нашата цел е да го „нормализираме“ зборот психијатрија, да ги мотивираме луѓето да побараат помош и отворено да зборуваат за проблемите, истакнуваат Христина и Христијана

Христина Пејовска и Христијана де Џенаро се сестри кои се обидуваат да им помогнат и да им излезат во пресрет со совети на сите на кои им е потребна психичка поддршка, со цел луѓето да ги надминат своите ментални проблеми. И двете работат надвор од Македонија и преку нивниот заеднички инстаграм-профил често споделуваат информативни видеа.

- Јас работам во една од амбулантите на кантонална Клиника за психијатриски заболувања во Швајцарија. Клиниката има над 16 оддели и амбуланти на повеќе места во кантонот. Во амбуланта работата се одвива со термини кои пациентите ги добиваат во зависност од потребата - ни сподели Христијана.
Додека Христина моментално работи на неврологија и е последна година на специјализација.

- Пред започнувањето на неврологија работев во интензивна дневна клиника во Берлин, која е во рамките на една од најголемите општински болници, со 8 психијатриски оддели и 4 дневни клиники. По завршувањето на годината продолжувам со работа повторно во една таква дневна клиника каде што пациентите го поминуваат денот со различни терапии, поединечни и групни разговори, каде што дополнително се поддржуваат од страна на социјален работник и сл. - ни изјави Христина.

Нашиот медицински факултет е на ист ранг со европските факултети


Љубовта кон медицината им се појавила уште како деца и ја негувале цело време, така што одлуката за избор на факултет воопшто не им била тешка. Сепак, за желбата кон медицината најодговорен е нивниот татко, кој иако правник, постојано им зборувал со многу љубов кон неговата неостварена желба - медицината.
И двете завршиле медицина на Универзитетот „Св. Кирил и Методи“ во Скопје и тврдат дека знаењата што ги стекнале на нашиот факултет се на ист ранг со европските факултети.
Во Берлин и Швајцарија сѐ уште немаат сопствени ординации затоа што е потребно комплетно завршена специјализација.

- И двете сме во завршната фаза од специјализацијата, што значи дека во следните месеци ќе ја реализираме нашата цел и ќе ја оствариме нашата желба. Свесноста за психијатриските заболувања и во двете земји е на високо ниво. Луѓето се јавуваат и бараат соодветна помош. И во двете земји е сосема нормално да се оди на психијатар/психолог. Психијатриските заболувања не се табу-тема, туку отворено се разговара за нив. Секако, и тука има исклучоци, меѓутоа, тие се поретки - ни споделија Христина и Христијана.


Христијана де Џенарo

Нивната едукација и надградбата на нивната кариера е постојана и континуирана. Програмата за нивната специјализација е премногу опширна бидејќи се изучуваат два аспекти, и тоа психијатрискиот дел и психотерапијата како дел од специјализацијата, и трае 6 години во Швајцарија, а 5 години во Германија.

Како што нѐ информираат тие, за да се заврши самата специјализација, потребно е исполнување на одредени критериуми кои се поврзани со постојани посети на конгреси, семинари, курсеви за одредени области, супервизија, интервизија, работилници, искуства, разговарање за случаи со претпоставените, нивно презентирање пред тимот и дискусија, како и секојдневно читање новости кои се поврзани со психијатриските теми.

Сакаме да ја зголемиме свеста

На прашањето од каде поттикнала идејата да се здружат и да отворат заеднички профил кој им помaга на луѓето да ги решат своите проблеми, ни одговорија:

- И двете живеевме и завршивме во Македонија. Психијатриските теми беа и сѐ уште се табу тема. Нашата цел е информативна, пред сѐ, да ги информираме луѓето за одредени теми, да ја зголемиме свеста дека како и сите други заболувања, и психијатриските заболувања се нешто што може да се случи и за кое е потребно соодветно лекување. Нашата цел е да детабутизираме и дестигматизираме, како и да го „нормализираме“ зборот психијатрија, да ги мотивираме луѓето да побараат помош и отворено да зборуваат за проблемите. Да се оди на психолог, психијатар во западните земји е секојдневие, зошто да не биде и кај нас така - истакнуваат Христина и Христијана.

Во моментов нивната задача преку профилот е информативна, меѓутоа, размислуваат и за проширување во смисла на отворање веб-страница со одредени информации, одржување семинари, презентации.
- Пред сѐ, постои желбата да бидеме во контакт со нашата земја и притоа да нудиме, во рамките на нашите можности, помош на нашиот народ и еден дел од европскиот начин и пристап на лекување да го презентираме во нашата земја. Различноста на проблематиката е тоа што ја прави психијатријата како област доста интересна за нас. Можноста покрај препишување таблети да вршиме и психотерапија ни помага да ги разбереме пациентите подобро, да разбереме зошто воопшто се појавиле одредени симптоми, да разбереме од каде потекнува одредено однесување и како може да се промени... Луѓето се пријавуваат со најразлични проблеми, од акутни ситуации кои се доста оптоварувачки до согорување, депресија, психоза, шизофренија, траума, хиперактивен синдром, страв, опсесивно-компулсивно заболување, сексуални проблеми, зависности итн. - изјавуваат Христина и Христијана.

Младите генерации се поотворени

Имаат пациенти кои се од Македонија, меѓутоа, и општо од балканските земји. Кај постарите генерации сѐ уште постојат тешкотии отворено да разговараат за своите проблеми. Нивниот впечаток е дека младите генерации се поотворени, имаат помалку тешкотии да побараат помош, да се одлучат за одредено лекување, што особено ги радува.

- Сметаме дека и во Македонија, споредено со пред 6-7 години, некои работи се имаат променето. Нашиот впечаток е дека психијатриските теми сѐ уште се табу, ама дека свесноста се зголемува, што е позитивен знак - велат тие.



Христина Пејовска

На прашањето со какви проблеми се соочуваат луѓето во Германија и во Швајцарија наспроти луѓето во Македонија, велат дека заболувањата се секаде исти, меѓутоа, пристапот на лекување е поразличен. Нивните препораки за пациентите се во зависност од заболувањето/проблематиката.

- Од наша страна препораките се јасни, а тоа е комбинација од психотерапија и медикаментозно лекување доколку е неопходно. Успехот на терапијата зависи од дијагнозата, од пациентите и нивната мотивација за промена, од нивото на свесност, спремноста да се инвестира во себе. Секој пациент е различен, така што и времетраењето на лекувањето и успехот зависат од многу фактори. Има премногу позитивни искуства и позитивните искуства се најчесто поврзани со навремено јавување кај стручно лице. Тоа е тоа што треба да мотивира. Меѓутоа, тоа што сакаме да им го препорачаме на сите е отворено да зборуваат за своите проблеми, дека не е срамно да се биде психички болен, не е срамно да се оди на психијатар/психолог. Во денешно време, со толку многу можности, жално е да се крие и да не се побара помош само од страв да не се биде етикетиран како психички болен. Како што за една фрактура, скршеница е потребно време и лекување, така и за една депресија или шизофренија потребно е соодветно време и лекување. Дајте да ги отвориме стегите во кои живееме, да престанеме да живееме за тоа што ќе речат другите и да се обидеме да направиме нешто добро за самите себе, а со тоа да бидеме промената која сакаме да ја видиме кај другите луѓе. Кога секој еден ќе почне да размислува за себе и за тоа што би му причинувало задоволство, што би го исполнило, што би сакал да промени и ако работи на тоа, тогаш сме направиле еден голем чекор напред - подвлекуваат Христина и Христијана.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема