X
 20.05.2026 Живот

Две европски држави се обединуваат?

Лидерите на Романија и на Молдавија очигледно негуваат меѓусебна наклонетост. На почетокот од мај молдавската претседателка Мaја Санду и нејзиниот романски колега Никушор Дан објавија заедничка фотографија на своите фејсбук-профили како насмеани седат еден покрај друг во романски воен авион.

- Заедно со претседателот Никушор Дан на пат кон главниот град на Ерменија, каде што ќе се одржи состанокот на Европската политичка заедница - напиша Маја Санду.

Тоа беше првпат лидерите на Романија и на Молдавија заедно да патуваат на меѓународен состанок и при пристигнувањето на аеродром да бидат протоколарно пречекани како пар. Овој гест најверојатно не бил случаен: тој испраќа јасна порака за сè поважно прашање на можно (повторно) обединување на Молдавија и Романија.

Првпат во двете држави истовремено се на власт лидери кои позитивно гледаат на идејата за обединување. На тоа се противеле сите претходни молдавски претседатели, додека во Романија само Трајан Бесеску (2004–2014) бил упорен поддржувач на обединувањето.

Актуелната молдавска претседателка Маја Санду се смета за приврзаник на зближувањето со Романија, но сепак внимателно пристапува кон оваа тема. Во последните месеци таа во неколку интервјуа за странски медиуми поотворено се изјасни за можност за обединување. Во јануари 2026 година за Би-би-си изјави дека лично би гласала „за“ на референдум за обединување, што дел од молдавската опозиција го оцени како „велепредавство“. И покрај тоа, кон крајот на април повторно го потврди сличниот став во разговор за „Ле Монд“.

Романскиот претседател Никушор Дан отворено ја поддржува таа идеја и порачува дека Романија е подготвена. Истовремено, тој е првиот романски претседател кој не зазема патерналистички став кон значително посиромашниот сосед, туку го третира рамноправно, што во Молдавија наидува на позитивен одек.

И Маја Санду и Никушор Дан претходно биле активисти против корупцијата и се бореле против злоупотреба на власта. Санду, како и многу нејзини сограѓани, има и романско државјанство. Како претседателка, таа го поддржа Дан на романските претседателски избори во 2025 година и гласаше за него.

Тоа може да изгледа необично - претседателка на една држава истовремено да има државјанство на друга и да поддржува идеја што би можела да значи исчезнување на нејзината сопствена држава. Но тоа покажува колку се поврзани Молдавија и Романија јазично, историски и културно.

Во двете земји официјален јазик е романскиот. По Првата светска војна, во декември 1918 година, политичката елита во делот на Молдавија што тогаш бил под руска власт одлучила за обединување со Романија.

Во 1940 година Сталин, во договор со нацистичка Германија, повторно ја анектирал источната територија на Молдавија и од неа ја формирал Молдавската Советска Социјалистичка Република. Таа во 1991 година прогласува независност, уште пред официјалниот распад на Советскиот Сојуз. Долги години ниту во Молдавија ниту во Романија идеите за обединување немале значајна политичка улога. Сепак, Русија од 1991 година предупредува на наводно „фашистичко обединување“ на Молдавија и Романија.

Извор: Vecernji.hr
Фото: Facebook

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот