„Сони“ враќа едни од своите препознатливи слушалки од минатото, но во модернизирано издание. Станува збор за слушалките што првпат беа претставени заедно со легендарниот вокмен во 1979 година и придонесоа слушањето музика во движење да стане популарно. Новиот модел го задржува препознатливиот изглед, но има и практични измени приспособени на современите уреди.
Новите МДР-3Р се омаж на оригиналните слушалки МДР-3, а една од најважните новини е приклучокот УСБ-Ц. „Сони“ ги задржа карактеристичните детали од стариот дизајн, но со додавањето микрофон и копчиња за контрола на кабелот овозможи слушалките да се користат и за секојдневните потреби на денешните корисници.
Ретродизајн со современи додатоци
Слушалките МДР-3Р речиси целосно го задржуваат изгледот на оригиналниот модел, вклучувајќи ги лесната конструкција и отворениот дизајн, кој не ги покрива целосно ушите. Препознатливите сини и портокалови перничиња се дел од новото издание, а корисниците можат да ги менуваат според сопствените желби. Дури и пакувањето и упатството за употреба се осмислени така што потсетуваат на оригиналниот производ.
„Сони“ ги задржа и звучниците со пречник од 23 милиметри, какви што имаше и првичниот модел. Според компанијата, звукот е приспособен така што го задржува карактеристичниот звук на оригиналот, со мали измени за да одговара на современите навики при слушањето музика. Слушалките имаат и вграден микрофон за телефонски разговори, како и копчиња за контрола на кабелот. Благодарение на поврзувањето преку УСБ-Ц, нема потреба од полнење, безжично поврзување или инсталирање ажурирања.
Извор:
24sedam.rs
Фото:
Sony/X