X
 20.06.2018 Наша тема

Ангел Арнаудов е успешен ИТ-фриленсер. Живее во Стојаково и го прославува на светски маратони!

Сум работел и во многу поголеми градови од Скопје, како Њујорк, Сан Франциско, Ајндховен, Чикаго, но од денешен аспект, постои голема придобивка од фриленсерството и на тоа поле. Наместо да се губат 2-3 часа за транспорт до работното место, тоа време може да се искористи за тренинг, дружење со фамилијата, пријателите или за нешто трето

Со поддршка на Берлинскиот маратон

Ангел Арнаудов е ИТ-инженер повеќе од десет години. Живее во гевгелиското село Стојаково, работи како фриленсер за странски компании, а е „сопственик“ на сите шест медали од светските маратони. Искуството што го стекнал работејќи неколку години во САД и во тој систем на работа го мотивирало да го примени во македонски услови. „Канцелариска работа“ имал и во Холандија.
- Во периодот додека работев во Америка, кога ќе се вратев накратко дома, имав некакво искуство со работа од далечина. Во 2011 сакав да се вратам целосно дома и не ми беше предизвик да се вработам повторно во ИТ-компанија и да работам на проекти кои некогаш може и да не се интересни. Најпрво работев на платформа која беше позната под името vworker или rentacoder. Од првиот проект заработив 250 долари – вели Арнаудов.

Фриленсерот гради претприемачки дух

Работните навики Арнаудов почнал да ги гради уште во тинејџерските години.
- Со радост се сеќавам дека во текот на летото, кога имав 15-16 години, за време на бербата на домати во Стојаково секојдневно бев ангажиран за товарење домати во камионите. Заработката беше меѓу 150 и 300 денари за 3-4 часа физичка работа. Тие пари ми беа најслатки. Во студентските денови целта не ми беше да завршам факултет во рекордно време и потоа не да мислам за работа, туку да го запознам светот. Три години секое лето одев на сезонска работа во Америка. Беше напорно, работевме во подвижен ресторан за гиро-сендвичи. Првата година бев само работник, додека следните две години - менаџер. Секој ден требаше да се подготви храна, на пример 10 вреќи кромид се лупеа дневно - вели Ангел и ги охрабрува студентите што повеќе да се вклучуваат во сезонски работи.

Целата идеја околу фриленсерството, пак, му станала интересна поради „натпреварот“ со други колеги од цел свет, како и реалната повратна реакција од клиентите, што е моќна алатка за привлекување нови проекти и клиенти.
- Се гради претприемачки дух бидејќи истовремено си и работник, и менаџер, и директор и гледаш во реално време како се надградува твоето работно искуство со проекти кои сакаш да ги работиш, не ти се досадни и добиваш нови познавања кои ќе ги искористиш во следните проекти. Еднаш кога ќе навлезеш во тајните на фриленсерството, канцелариската работа станува досадна. Не можам да се замислам повторно да работам во канцеларија, иако повремено ми недостига тоа опкружување. Сепак, слободата што ја добивам е бесценета, можам да патувам, да работам од каде што сакам, а да останам продуктивен со достапните алатки за контакт со клиенти и колеги – вели Арнаудов.

Арнаудов држи предавање на самит за фриленсерството во Скопје

Тој додава дека строги правила постојат и во фриленсерството и дисциплината е повеќе од потребна.
- Клиентот е можеби на илјадници километри од тебе, нема директен контакт, сѐ е виртуелно. Од тебе зависи дали ќе ги исполниш барањата во договорениот рок и ќе добиеш повеќе работа или ќе добиеш негативен фидбек и ќе ја изгубиш работата. Фриленсерството е тесно поврзано со постојаното учење. Треба постојано да учиш и да напредуваш во дисциплините што ги работиш за да не заостанеш во споредба со другите. Пазарот е доста компетитивен бидејќи се натпреваруваш со фриленсери од цел свет и секој се бори да успее – споделува Арнаудов.
Сериозноста на проектот, технологиите што се користат и придобивката на професионален план се многу поважни од заработката, како мотив да се влезе во еден проект. Вели дека нема некои правни тешкотии во однос на давачки кон државата.
- Не се соочувам со никакви тешкотии. Мислам дека дејноста е доволно регулирана, но секогаш постои простор да се подобрат условите за луѓето што работат како мене, а ги има многу.

Стресот од работата го намалува и со одгледување гоџи бери заедно со брат му Дарко

Со својот пример, 33-годишниот Ангел посочува дека фриленсерството може да помогне и за намалување на миграцијата кон големите градови, како што е Скопје.
- Сум живеел/работел и во многу поголеми градови од Скопје, како Њујорк, Сан Франциско, Ајндховен, Чикаго, но од денешен аспект кога можам да споредам, постои голема придобивка од фриленсерството и на тоа поле. Наместо да се губат 2-3 часа во просек секој ден за транспорт до работното место, тоа време може да се искористи за тренинг, дружење со фамилијата, пријателите или за нешто трето. Имате можност сами да изберете каде ќе живеете, дали би било тоа некое мало место, место покрај море, езеро или на планина, зависи од вас. Сѐ што ви е потребно е стабилна интернет-врска и компјутер. Животот во такво опкружување е и доста поздрав во споредба со секојдневните метежи што сте принудени да ги трпите за да стигнете до вашето работно место и назад – вели Арнаудов.
Еден од начините што Арнаудов ги применува за намалување на стресот од секојдневните предизвици и од многуте часови поминати пред компјутерот, е одгледувањето гоџи бери. - Земјоделството е уште една „aлатка" која е достапна на луѓето кои живеат во рурални подрачја за лечење на стресот од програмирањето. Веќе три години заедно со брат ми Дарко, кој е десет години помлад од мене, се занимаваме и со одгледување на гоџи бобинки, кои ни помагаат да го опоравиме полесно со стресот од секојдневните предизвици на работа и два до три дена во неделата да поминеме по два часа на чист воздух во периферијата на Стојаково - вели Ангел.

Арнаудов на Њујоршкиот маратон во 2015

Бонуси за секоја завршена трка

Tрчањето му станало страст во 2009 година. Претходно се занимавал со тимски спортови.
- Започнав додека работев во ИТ-компанија на Флорида. Сопственикот ги мотивираше вработените со различни бонуси за секоја завршена трка, па така и јас почнав, најпрво со 5 км, потоа 10 км, 15 км, полумаратон, за конечно да стигнам да завршам и прв маратон во 2011 година. Додека се подготвував за сите тие настани, незабележливо трчањето стана здрава „зависност“, која еве сѐ до денеска уживам да ја консумирам во различни количини. Со трчањето, успехот комплетно зависи од тебе и од физичката/психичката подготовка што ја имаш во тој момент. Нема простор за импровизација, посебно на долги дистанци, како што се полумаратон или маратон. Истовремено, со трчањето се јакне и духот за напредување, навиките што ги добивате од трчањето потоа многу лесно може да се искористат и на професионално поле, каде што ќе се стремите секогаш да го дадете најдоброто од себе и да напредувате во кариерата – вели Арнаудов.

Арнаудов на конференција во Атланта

30 медали, од кои 18 се за маратони, два триатлона и остатокот се за полумаратони, се во неговата колекција.
- Трчањето е составен дел од мојот живот, нешто што ми помага да го исчистам мојот ум од сите проблеми и предизвици од секојдневниот живот, време кое го користам за да размислам за следните чекори и да се ослободам од стресот што го носи модерниот начин на живот. Исто така, на маратоните гледам како на добра причина да се посети некое ново место. На маратоните низ Европа неретко одиме поголема група, разгледуваме нови места, се запознаваме со локалните обичаи, храна и навики. Секој маратон те прави побогат за едно животно искуство плус – споделува Арнаудов.
Следен предизвик за Ангел е маратонот во Њујорк, каде ќе го бодри неговиот брат Дарко, кој прв пат ќе трча маратон.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема