X
 29.05.2018 Наша тема

Фриленсер во Македонија: Да се биде или не?

Сега заработувам многу повеќе. Оваа работа, како и секоја друга, бара многу труд, исполнителност и, пред сѐ, самомотивација. Колку повеќе работиш, толку повеќе ќе заработиш. Кога работиш за плата, ја немаш таа предност, колку и да работиш, ќе добиеш плата на 1-ви и толку е, вели фотографка од Скопје


Да се избере да се работи осум часа на едно работно место, со истите луѓе и шефови над глава или, пак, да се работи од каде што сакаш, за повеќе фирми и поединци, по своја желба? Ова сѐ почесто е дилема која модерното време им ја наметнува на луѓето не само кај нас, ами во цел свет. А светот стана мало место покрај сета технологија што ја имаме на располагање. Фриленсерството сѐ повеќе станува избор и во Македонија. Факултети.мк побара неколку фриленсери да го споделат своето искуство со нашите читатели. Искуствата се повеќе од позитивни.

Девојка од Скопје, која десетина години се занимава со професионална фотографија, работи како фриленсер речиси три години.
- Тоа што беше пресудно да останам фриленсер не беа само финансиите, туку и фактот дека досега работев во три познати македонски компании, во кои „потрошив“ околу 12 години, а имам работен стаж од само две години. Мислам дека тоа кажува многу. Сега заработувам многу повеќе, но оваа работа, како и секоја друга, бара многу труд, исполнителност и, пред сѐ, самомотивација. Колку повеќе работиш, толку повеќе ќе заработиш. Кога работиш за плата, ја немаш таа предност, колку и да работиш ќе добиеш плата на 1-ви и толку е – вели младата фотографка.
Таа е категорична дека повеќе никогаш не би работела за одредена фирма, особено за македонска.
- Сега имам доволно пари за да се осигурам сама, да ѝ платам данок на државата во која живеам, да си одам на одмор без да собирам пари во текот на целата година и, што е најважно, немам газда што ќе ми виси над глава – вели таа.

ИТ-секторот и програмерството е една од најпопуларните области за фриленсерство. Запознавме млад програмер од мало гратче во Македонија, кој пет години работи за американскиот пазар.
- Пред сѐ, финансиите ме натераа. Работата од дома е предност, слободата да немаш одговорен над глава - поопуштена атмосфера, поголема ефективност и посветеност, нормално, тоа зависи и од самата личност. Иако сум врзан за една фирма, воопшто не ми пречат правилата што се наметнати, во овој случај со работни часови по нивно работно време, достапност на „Скајп“ во секое време во работните часови, доста помал број неработни денови итн. Така е затоа што самата компанија го компензира тоа со награди и со дополнително слободно време – вели програмерот, кој признава дека вака заработува многу подобро од претходно.

фото: Pixaby

Преведувачка од Скопје работи хонорарно речиси пет години. Оваа дејност најчесто се реализира хонорарно, додека работата во фирма често подразбира ниска плата, недостоинствени услови за работа и непостоење на работничките права, објаснува нашата соговорничка.
- Затоа, дури и покрај несигурните приходи, решив барем да не му робувам никому. Сега заработувам повеќе, иако има периоди без никаква заработувачка, кои можат да бидат доста тешки. Предноста е што сум мобилна и можам да го распоредувам обемот на работа преку денот за да завршам што повеќе обврски, недостатокот е тоа што никогаш не можам долгорочно да планирам зашто реално треба секогаш да сум „на повик“ – вели преведувачката.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема