X
 20.07.2018 Живот

Луксузна модна куќа запалила облека што вреди милиони, Британците бесни

Луксузниот британски моден бренд „Бурбери“ минатата година запалил облека и модни додатоци во вредност од 28 милиони фунти.

Се чини дека компанијата сѐ потешко успева да држи чекор со модните трендови бидејќи количината на облека што ја запалила е шестпати поголема од онаа што била запалена пред пет години. Акционерите се незадоволни од трендот и сметаат дека таа облека требало да им биде понудена за откуп.

А управата на луксузниот бренд откри дека ја палат облеката затоа што сакаат да ја заштитат интелектуалната сопственост и вредноста на брендот, а не сакаат нивната облека да ја носат „погрешни луѓе“ кои до неа дошле на сивиот пазар по прениски цени.

Аналитичарите велат дека дел од проблемот е во тоа што „Бурбери“ е прескап на азиските пазари, а особено на кинескиот. Иако од компанијата најавија снижување на цените во Кина за 4 отсто, прашањето е дали тоа ќе биде доволно за да се привлечат купувачи.

Фото: Wikipedia

Од компанијата нагласуваат дека создавањето отпад го сфаќаат многу сериозно, но дека оваа година имало невообичаено многу бидејќи нивната линија била купена од страна на „Коти“, па тие морале да ја уништат онаа со стара амбалажа.

Оваа година се дозна и дека од „Ричемонт“ уништиле часовници во вредност од 400 милиони фунти, и тоа најмногу откако се проширија шпекулации дека тие во Кина се користат за поткупување полицајци.

На прашањето зошто непродадената облека на „Бурбери“ едноставно не била донирана, оттаму нагласија дека 120 тони кожена облека им биле дадени на „Елвис & Крес“ за да ги претворат во модни додатоци, а половината од профитот што ќе го заработат од тоа ќе оди во добротворни цели.

И додека некои купувачи сметаат дека станува збор за логичен потег бидејќи никој нема да даде толку пари за облека од „Бурбери“ ако сите ја носат, други мислат дека би било попаметно облеката да ја подареле на оние на кои им е најпотребна. Британците реагираа бесно на веста, коментирајќи дека веќе ништо нема да купат од „Бурбери“.

- Зошто едноставно не им ја дале на сиромашните, кои би ја носеле со години? Ситуацијата дека луѓе се смрзнуваат бидејќи не можат да си купат облека, а тие палат тони облека е едноставно одвратна. Веќе никогаш нема ништо да купам кај нив - коментираше една Британка.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот