Популарните хотелски услуги на база „ол инклузив“ во Турција би можеле наскоро да добијат нов концепт, пренесуваат извори од туристичката индустрија.
Според извештајот на Турската фондација за спречување на расипништво, во земјата годишно се фрлаат во просек 23 милиони тони храна, а околу 35 отсто од овошјето и зеленчукот завршуваат во ѓубре пред воопшто да стигнат на трпезата. Како одговор на оваа состојба, која придонесува и за раст на цените на храната, претседателството на Советот за земјоделска и прехранбена политика покрена иницијатива.
- Претставниците на турската туристичка индустрија повеќепати предлагаа ревизија на форматот „ол инклузив“ . Сепак, повеќето сè уште веруваат дека тој ќе остане, иако можеби делумно изменет, имајќи ги предвид зголемените барања на туристите за квалитет на услугата. Конечното решение сепак ќе биде во рацете на хотелите - изјавил извор од туристичката индустрија.
Советот подготвил сеопфатен извештај за борбата против расипништвото, кој ќе му биде презентиран на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Очекувањата се дека по разгледувањето во парламентот, ќе бидат воведени законски мерки за ограничување на расфрлањето, како и спречување на рестораните да наметнуваат задолжителни порции за т.н. „раскошни појадоци“.
Половина од раскошните појадоци завршуваат во ѓубре
Трендот на богати и обилни појадоци, кој последните години стана мошне популарен, доведе до големо незадоволство кај гостите и драматично зголемување на расфрлањето храна.
Проблеми создаваат рестораните што одбиваат да послужат помала количина за повеќе лица и инсистираат порциите да се донесат според бројот на гости.
Рамазан Бингол, член на Претседателскиот совет за земјоделска и прехранбена политика и претседател на Здружението на сите ресторани и туристички работници вели дека дури 50 отсто од овие појадоци завршуваат во ѓубре.
- Три или четири лица би можеле да се најадат со појадок за две лица, но многу ресторани носат повеќе храна од потребното. Дел од храната воопшто не се допира и веднаш оди во ѓубре - рече тој.
Според него, и хотелските шведски маси се голем извор на расипништво.
- Луѓето земаат по малку од сè, но не го јадат. На тој начин се фрлаат милиони лири - додава тој.
Бингол додаде дека во рок од два месеца Советот ќе му го претстави извештајот најпрво на претседателот, а потоа и на надлежните институции. Доколку биде усвоен, можно е „ол инклузив“ системот во хотелите да се замени со услуга „а ла карте“ - гостите ќе нарачуваат само онолку храна колку што можат да изедат.
Законот би спречил и ресторани и кафулиња да наметнуваат задолжителни порции по лице. Ако локалот не дозволи повеќе лица да поделат еден појадок, купецот ќе може да поднесе жалба до Министерството за трговија, кое ќе изрече казна.
Забрана за фрлање храна на улица
Во извештајот на Советот е вклучено и прашањето за уличните животни. Се нагласува дека храната не смее да се фрла на улица под изговор дека се хранат животни, затоа што тоа доведува до нечистотија и ширење бактерии.
- Животните што ја јадат оваа храна се разболуваат, улиците стануваат извор на инфекции. Има многу приговори и од ветеринари. Во ниту една европска земја не можете да фрлате храна на улица под изговор дека храните животни. Тоа ја нарушува и природната рамнотежа - рече Бингол.
Тој додаде дека остатоците од храна и леб треба да се собираат и доставуваат до прифатилишта за животни, но најважно е да се спречи нивното создавање.
Извор:
Euronews.rs
Фото: Freepik