X
 21.10.2020 Наша тема

Мики Цветанов составува компјутери за ученици што немаат. Ме мотивира искреното „благодарам“ од родителите

Си правам листа која секојдневно се зголемува и гледам да одам по ред, да бидам реален. Би сакал да можам што побрзо да ги склопувам конфигурациите и побрзо да ги подарувам, но со оглед на тоа што ова се стари компјутери и треба да ги расклопам и од три да составам еден – целиот процес оди многу побавно, вели скопјанецот Мики Цветанов

Не е фер - некои деца да имаат можност да се школуваат, а оние што немаат услови да бидат заборавени од сите. Едноставно, тоа е една огромна неправда која би требало да допре до секој нас, без разлика на нашата имотна состојба, национална или партиска определба. Во прашање е здравиот разум, вели скопјанецот Мики Цветанов, кој во изминатиот период израдува многу семејства. Сосема случајно започнал хуманитарна мисија. Нервозата и тензијата што ги создаде непознатата наречена онлајн-настава беше директно поврзана со идејата на Цветанов да им помогне на повеќе деца.

- Целата фама што се крена околу онлајн-наставата, неможноста на родителите да им дадат на своите деца основни средства за понатамошно следење на наставата, како и лошата организација од страна на државата околу целата образовна платформа ме поттикнаа на оваа работа. Откако составив конфигурации за моите две деца, од деловите што ми се наоѓаа по дома, одлучив сѐ што е вишок да го составам и да го подарам на тој што навистина му е потребно. Така почна сѐ! – вели Цветанов.

Со делови што му останале склопил конфигурации за неговите пријатели или нивни познајници.

- Намената беше за оние на кои навистина им е потребна помош. Убавиот глас многу брзо се рашири, па почнав да добивам и барања од родители кои немаат каде да се обратат, а и тоа како имаа потреба од компјутер. Си правам листа која секојдневно се зголемува и гледам да одам по ред, да бидам реален. Би сакал да можам што побрзо да ги склопувам конфигурациите и побрзо да ги подарувам, но со оглед на тоа што ова се стари компјутери и треба да ги расклопам и од три да составам еден – целиот процес оди многу побавно. Ме радува фактот што се јавуваат луѓе за да донираат лаптоп, конфигурации, монитори, но, сепак, поголемиот дел се постари модели, неупотребливи или расипани компјутери на кои треба да им се посвети повеќе време за да се оспособат за работа. Мене ме засегнува фактот што толкав број од нашите деца, нашата иднина, не може да следат настава. Засегнат сум од тоа што образованието ни е задолжително, а државата не овозможува потребни услови за следење на наставата. Треба ли да се запрашаме за еднаквоста на децата во оваа држава? - прашува Цветанов.

За тоа како функционираат компјутерите, Цветанов одамна се заинтересирал. Вели дека се едуцирал самиот, а го интересира тој свет од првиот „Амига“ или „Комодоре 64“.

- Сакав да знам сѐ за нив, па така почнав самиот да се едуцирам, а особено ме заинтересира хардверскиот дел. Со оглед на тоа дека секојдневно излегува нешто ново и технологијата напредува со брзина на светлината, треба постојано да си во тек со најновите трендови и достигнувања. Знаењето го добивам и од ИТ-форумите и секојдневно читање на интернет - вели тој.
Искреното „благодарам“ што го добива од родителите му е мотивација да продолжи со мисијата.

- Се надевам дека ова ќе биде апел до многумина што би можеле да помогнат во целата ситуација да не се штедат и да се вклучат во целата борба. Се работи за нашите деца, се работи за нашата иднина - завршува Цветанов.

Мики Цветанов

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема