X
 23.08.2023 Живот

Тајната на стратегијата на „Зара“: Како да заработите милијарди, а да потрошите 0 на реклами?

Не е важно колку години имате, каков моден стил преферирате или дали сте женско или машко. Веројатноста дека не сте посетиле продавница на „Зара“ е нула, што е исто колку што оваа компанија инвестира во својата рекламна стратегија.

И не, тоа не е шега. „Зара“ е еден од најуспешните модни брендови во светот, па затоа е сосема невообичаено една компанија да не прави конвенционален маркетинг. Иако основачот на „Зара“, Амансио Ортега, е еден од најбогатите луѓе во светот, а продавниците на „Зара“ се најпосетени во трговските центри, компанијата троши околу 0,3 отсто на реклами.

Приказната на „Зара“ е прилично долга, па дури и тврдокорните обожаватели на брендот навистина не знаат многу за тоа како настанала. Можеби тоа е дел од нејзината стратегија. „Зара“ е шпански бренд основан во 1975 година од Амансио Ортега и Росалија Мера. Првата продавница нудела евтини производи слични по изглед на популарната, поквалитетна облека.

Во 1985 година Ортега развил нов процес на дизајн, производство и дистрибуција за да го скрати времето на испорака и побрзо да одговори на новите трендови, кој го нарекол „инстант мода“.

Во текот на следната деценија „Зара“ почнала агресивно да се шири на глобалните пазари. Денес, трговецот на облека има речиси 3.000 продавници во 96 земји и е водечка компанија на групацијата „Индитек“.

Основачот на брендот, Амансио, никогаш не разговарал со медиумите ниту на кој било начин ја промовирал „Зара“. Така, благодарноста и желбата на клиентите се силно водени од искуството на брендот.

„Зара“ не се рекламира

„Зара“ не се рекламира, што значи дека нема да видите никакви телевизиски реклами, огласи во весници, билборди или банери на интернет. Значи, точно е дека „Зара“ троши само 0,3 отсто од приходите на реклами. Но, треба да се забележи дека рекламирањето не е синоним за маркетинг. „Зара“ не користи конвенционални канали за рекламирање, но компанијата прави маркетинг на свој начин.

Пристапот одоздола-нагоре значи дека дизајнот се создава врз основа на непосредни повратни информации од клиентите. „Зара“ ги кокреира своите производи со своите клиенти наместо да троши буџети за рекламирање. Сè што корисниците известуваат се користи за да се направат подобри производи. На овој начин брендот ја гради лојалноста на клиентите и се потпира на потрошувачите да ја промовираат, што е најмоќната форма на маркетинг.

zara
Фото: Zara

Во 2015 година една жена по име Мико влегла во продавницата на „Зара“ во Токио и побарала розова марама, но продавницата немала. Истото се случи речиси истовремено со Мишел во Торонто, Елејн во Сан Франциско и Жизел во Франкфурт. Сите овие жени влегле во продавницата на „Зара“ барајќи розови марами.

7 дена подоцна, повеќе од 2.000 продавници на „Зара“ во светот почнале да продаваат розови марами, повеќе од 500.000 розови марами биле распродадени во рок од 3 дена.

Каде обично се наоѓаат продавниците на „Зара“?


Ако некогаш сте обрнале внимание, продавниците на „Зара“ секогаш се наоѓаат во трговските области на фреквентните улици во големите метрополи. Затоа „Зара“ инвестира во локациите и атрактивноста на своите продавници, а не во нивното рекламирање. Во секој голем град може да се најде продавница на „Зара“ покрај големите брендови како „Луј Витон“, „Армани“ или „Гучи“, дури и ако нивната облека е многу поскапа.

Уште една работа што го прави препознатлив креативниот пристап на „Зара“ се впечатливите пози на моделите. Производите секогаш се претставени со непознати модели во различни, не толку вообичаени пози кои го привлекуваат вниманието на луѓето и ги тераат да зборуваат за нив. Сето ова е дел од сеопфатната стратегија на оваа компанијa, која на овој начин ја нагласува автентичноста на брендот. Така, кога ќе видите модел во облека на „Зара“, благодарение на специјалните фотографии и пози, знаете дека тоа е „Зара“ уште пред да го забележите брендот.

Од своето основање, „Зара“ стана еден од најпопуларните брендови меѓу своите клиенти благодарение на способноста да ги следи брзите модни трендови, или како што велат, да произведува „свежо печена облека“. „Зара“ ги следи модните трендови и стилови, создава нови дизајни и ги става во продавниците во рок од една или две недели, додека на другите модни брендови им требаат околу шест месеци. Благодарение на својата брза, стилска и достапна облека, компанијата може да ги надмине своите конкуренти.

Која е тајната?

Тајната на стратегијата за рекламирање на „Зара“ лежи во севкупната стратегија на брендот. „Зара“ од самиот почеток се грижеше да го изгради својот бренд врз основа на вредностите на своите идеални клиенти. Модната компанија е насочена кон луѓе кои се стилски и ги следат трендовите, нудејќи им ја најмодерната облека во моментот кога ја бараат.

Затоа, пред да почнете со вашиот бизнис, внимателно погледнете ги вашите конкуренти, нивните силни и слаби страни и вашите идеални клиенти за да ги одредите нивните слаби точки. Врз основа на овие податоци, изберете го најдобриот пристап за градење на вашиот бренд. Ако започнете со ова, можеби нема да треба да се рекламирате.

Извор: bizlife.rs
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот