„Мисли позитивно“, „Немаш поим што се вистински грижи“ - речиси и да не постои човек кој не слушнал вакви реченици додека растел, без оглед дали му ги кажале родители, баби и дедовци, роднини или пријатели. Но, според податоците на светските здравствени институции, се чини дека денешната генерација З е многу поподложна на стрес отколку оние што одамна влегле во четириесеттите. За постарите и да не зборуваме. Кога велиме „зумери“, мислиме на лица родени меѓу 1995 и 2012 година, чиј развој во голема мера бил обликуван од растењето со паметни телефони, интернет и социјални мрежи.
За 360 евра можете да престојувате во мирен комплекс и да не правите ништо
Сето ова, предупредува УНИЦЕФ, води до синдром на согорување, односно состојба на целосна физичка, емоционална и ментална исцрпеност, предизвикана од долготраен стрес. За да се стави крај на тоа, во Малезија неодамна беше отворен нов вид пензионерски дом, но не за постари лица, туку за млади кои се исцрпени од модерниот живот и постојаните општествени притисоци.

Фото: Facebook
Првата малезиска „пензионерска куќа за млади“ се наоѓа во градот Гопенг, во округот Кампар, и го нуди токму она што и самото име го сугерира - месечно бегство од капитализмот, културата на забрзан живот и постојаната потреба за постигнување цели. За околу 360 евра, младите можат да престојуваат во мирен комплекс опкружен со природа и да му се посветат на она за што повеќето од нас можат само да сонуваат - апсолутно ништо!
Нема распоред, состаноци, седење во канцеларија од 9 до 17 часот
Куќата се простира на површина од 8 хектари и, покрај сместувањето, на гостите им нуди три оброци дневно и непречен поглед кон патките што мирно се шетаат низ соседството. Целта на престојот во овој дом не е луксуз, туку одмор, закрепнување и ментално рестартирање. Таму нема распоред, утрински состаноци, предавања, ниту седење во канцеларија од 9 до 17 часот.

Фото: Facebook
Станарите спијат додека сами не се разбудат, јадат домашна и здрава храна, садат зеленчук (секако, ако имаат желба за тоа) или едноставно ги минуваат попладневните часови во „активности“ како мечтаење и сонување.
„Понекогаш е доволно само да легнеш и малку да се одмориш“
Филозофијата што стои зад првата малезиска „пензионерска куќа за млади“ се нарекува „танг пинг“ и се однесува на кинеско општествено движење кое во буквален превод значи „да лежиш рамно“. Станува збор за тивок отпор против идејата дека животот мора да биде бескрајна трка по кариера и финансиска сигурност. Наместо постојано искачување по општествената скала, „танг пинг“ порачува: „Понекогаш е доволно само да легнеш и малку да се одмориш“.

Фото: Facebook
Идејата за овој необичен дом не се појавила одеднаш. Основачот, кој сака да остане анонимен, во малезискиот град Ипох веќе управува со традиционален дом за стари лица, а потоа решил и на младите, кои веќе сериозно „изгореле“ од стрес, да им обезбеди заслужен простор за одмор.

Фото: Facebook
Реакциите на овој потег засега се поделени. Едни го нарекуваат дистописки, додека други веќе сакаат да го резервираат својот престој. Но, треба да се има предвид дека домот бил целосно пополнет уште во првиот месец од отворањето.
И иако престојот во овој дом овозможува живот без притисок, каде што станарите сами си го одредуваат темпото што им одговара, без грижа за кирија, сметки, готвење или општествени очекувања, критичарите стравуваат дека ваквиот пристап кон животот би можел да поттикне уште поголемо бегство од одговорност. А на долг рок, тоа никако не може да биде добро.
Извор:
Putnikofer.hr
Фото:
Facebook