X
 07.09.2024 Живот

Зборувавте за производ, а потоа на интернет почнаа да се појавуваат реклами за него. Зошто?

Колку пати сте разговарале на мобилен телефон со вашите пријатели за некои работи или производи, кои претходно не сте ги барале на интернет, за набрзо потоа да видите реклами поврзани со нив.

Некои тврдат дека тоа е случајност, други имаат различни теории за поврзување на интересите на луѓето со кои разговаравте, а кои можеби барале такви производи, додека многумина веруваат дека тоа е јасен доказ дека „Фејсбук“ слуша.

Компанијата на Закерберг постојано ги демантираше овие информации и јасно изјави дека никогаш нема да ги слуша корисниците и нивните разговори. Во нивниот центар за приватност, меѓу различните информации важни за приватноста на корисниците, се наведува дека рекламите навистина понекогаш можат да бидат конкретни, па затоа корисниците мислат дека се прислушувани, но уверуваат дека не се.

Дел од фејсбук-корисниците се скептични за овие уверувања, а овие сомнежи дополнително ќе бидат поттикнати од новите информации што се појавија на интернет последните денови и се засноваат на податоците од маркетинг-агенцијата „Кок медија груп“, која тврди дека ги слуша клиентите преку софтвер наречен „активно слушање“.

Она што е нагласено во тој извештај е дека рекламните партнери на „Кок медија груп“ ги вклучуваат „Фејсбук“, „Гугл“ и „Амазон“, меѓу другите.

Во документот наменет за потенцијални клиенти се тврди дека овој софтвер заснован на вештачката интелигенција се користи за прислушување на разговорите и собирање и анализа на податоци.

Потоа, овие податоци се поврзуваат со постојните и претходно собраните информации за корисниците и нивните преференции со цел да се користат за насочено рекламирање, односно да им се прикажат на корисниците реклами што се од нивни интерес и што веројатно ќе влијаат врз нивните одлуки за купување.

Но, не е јасно дали софтверот е постојано активиран или само во одредени ситуации, односно за време на телефонски повици.

Извештајот, кој во последниве денови се прошири на интернет, ги шокира директорите на „Мета“, „Гугл“ и „Амазон“, кои веднаш реагираа на овие наводи. „Гугл“ ја отстрани споменатата компанија од својата партнерска програма, додека „Амазон“ коментираше дека никогаш не соработувала со оваа компанија.

Извор: n1.info.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот