X
 23.08.2025 Живот

Првиот целосно електричен фудбалски стадион се гради во Велика Британија

Манчестерското студио „АФЛ Архитектс“и консултантската куќа „Риџ енд Партнерс“ ги открија плановите за стадион со 16.000 седишта, кој ќе се напојува целосно со обновлива енергија и ќе биде новиот дом на фудбалскиот клуб Оксфорд Јунајтед.

По одобрувањето на планирањето од Советот на локалната самоуправа, „Риџ енд Партнерс“ објавија дека целосно електричниот фудбалски стадион ќе биде „најодржливиот спортски објект со средна големина во Велика Британија“.

Компанијата спровела стратегија за планирање, одржливост и транспорт и соработувале со „АФЛ Архитектс“ на дизајнот на стадионот, кој има за цел да обезбеди погодности за локалната заедница и да обезбеди економски поттик за клубот основан во 1893 година.

3.500 квадратни метри фотоволтаични панели

Сместен северно од центарот на градот во близина на железничката станица Оксфорд Парквеј, надвор од ограничената зона на наследството, стадионот ќе се напојува со обновлива енергија од фотоволтаични панели и топлинска пумпа воздух-вода.

-Како прв целосно електричен стадион во Велика Британија, тој ќе работи целосно на обновлива енергија, интегрирајќи 3.500 квадратни метри фотоволтаични панели монтирани на покривот, за да се намали влијанието врз националната мрежа за време на натпреварите. Топлинската пумпа на воздух и енергетски ефикасната градежна структура ќе ја отстранат потребата од горива базирани на јаглерод и ќе обезбедат 80% намалување на емисиите на јаглероден диоксид годишно, во споредба со гасните котли - велат од „АФЛ Архитектс“.

Новиот стадион на Оксфорд Јунајтед ќе го замени сегашниот стадион на овој фудбалски клуб, кој се наоѓа во јужниот дел на градот и е изграден во 1997 година.

Разгледувањата откриваат стадионски објект со малку накосен покрив и закривени агли, делумно обложени со сини панели. Зелените покриви го покриваат застаклениот волумен на еднокатната површина, а зелените ѕидови обезбедуваат дополнителни засадени површини.

Со цел да се олеснат настаните во деновите кога нема натпревари, поширокиот мастер-план на стадионот ќе вклучува простор за настани со капацитет од 1.000 места, хотел, ресторан, здравствен и велнес-центар и јавен отворен простор.

Простори посветени на добротворната организација на фудбалскиот клуб Оксфорд Јунајтед исто така ќе бидат сместени во новодизајнираниот стадион.


Можност што се случува еднаш во генерацијата

Наменети за подобрување на локалниот биодиверзитет, надворешните простори дизајнирани од студиото за пејзажна архитектура „Фабрик“, ќе вклучуваат интеграција на дрвја, кошници за пчели, езерца и ливади со диви цвеќиња.

-Овој проект е повеќе од стадион - тоа е можност што се случува еднаш во генерацијата да се обезбеди иднината на единствениот професионален клуб во Оксфорд, а воедно да се обезбеди трајна социјална корист за заедниците во Оксфорд - истакнал партнерот за планирање во „Риџ енд Партнерс“, Џајлс Брокбенк.

Извор: gradnja.rs

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот