X
 23.08.2026 Живот

Белгиско училиште воведува предмет Размислување за безбедноста - наставата ќе ја држат војската и полицијата

Средното училиште „Хеилиге-Дривулдигхајдс колеџ“ (HDC) во Левен од септември воведува нов предмет Размислување за безбедноста.

Во рамките на предметот, припадници на белгиската војска и локалната полиција ќе им предаваат на учениците за теми како што се геополитика, заштита на податоците, радикализација и управување со конфликти.

Предметот ќе го изучуваат учениците од трета година на насоката спортски науки, еднаш неделно, а „Хеилиге-Дривулдигхајдс колеџ“ ќе биде првото училиште во Белгија што воведува ваква програма.

Директорот на училиштето, Франк Бајенс, рече дека целта е учениците подобро да ги разберат безбедносните прашања и да развијат способност самостојно да формираат ставови, а не да се подготвуваат за кариера во војската. Покрај геополитиката и радикализацијата, наставата ќе опфаќа превенција, право, етика и заштита на податоците.

Учениците нема да учат ракување со оружје, ниту самоодбрана во рамките на овој предмет. Идејата за предметот настанала пред околу три години, а ја поддржале Министерството за одбрана, локалната полиција и покраинските власти.

Директорот вели дека учениците главно позитивно реагирале на новиот предмет, но дека некои родители изразиле загриженост поради можноста за поттикнување воена реторика.

Бајенс одговори дека целта е спротивна - учениците преку стекнување знаења за безбедносните прашања сами да можат да формираат мислење.

Извор: 021.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот