X
 25.08.2026 Наука

Вакцините против рак може да го променат лекувањето, но дезинформациите за иРНК го загрозуваат нивниот потенцијал

Првпат вакцина против рак базирана на информациска РНК постигна успех во клиничко истражување во доцна фаза. На 19 август 2026 година „Модерна“ и „Мерк“ објавија дека нивната персонализирана вакцина, интиcмеран автоген, во комбинација со имунотерапијата „китруда“, успешно го намалила ризикот од повторна појава на меланом, вид рак на кожата.

Резултатите би можеле да го отворат патот за нова генерација вакцини против рак. Но, дезинформациите за технологијата на информациска РНК би можеле да ја намалат довербата во нив пред да стигнат до пациентите.

Развојот на вакцини за лекување на рак трае со години. Од почетокот на 21 век досега се спроведени повеќе од 120 клинички истражувања за употреба на информациска РНК (иРНК) кај различни видови рак, меѓу кои меланом, рак на мозокот, дојката, белите дробови и простатата.

Како функционираат вакцините со иРНК?


Повеќето луѓе првпат слушнаа за технологијата на иРНК преку вакцините против ковид-19, но научниците ја истражуваат со децении.

Вакцините со иРНК им даваат упатства на клетките да создадат одредени протеини, со што имунолошкиот систем учи да ги препознава и да ги напаѓа.

Кај ракот, вакцините можат да бидат персонализирани така што го обучуваат имунолошкиот систем да ги препознава клетките на туморот и поефикасно да ги уништува, без да ги оштетува здравите клетки.

Еден пример е глиобластомот, агресивен тумор на мозокот за кој постојат малку ефикасни третмани. Истражувањата покажуваат дека персонализирана вакцина со иРНК може брзо да го активира имунолошкиот систем против туморот и да го продолжи преживувањето.

Како се рашири приказната за „турборакот“

На социјалните мрежи со години се шират тврдења дека вакцините против ковид-19 со иРНК предизвикуваат невообичаено агресивни видови рак, познати како „турборак“.

Ова тврдење нема веродостојна научна поткрепа. Сепак, стигна и до дел од главните медиуми. Во септември 2025 година контроверзен британски кардиолог тврдеше дека вакцината против ковид-19 придонела за дијагностицирање рак кај членови на британското кралско семејство, што предизвика реакции од медицинската заедница.

Авторот и неговиот тим следеле интернет-дискусии за „турборак“ од јули 2023 година до почетокот на 2026 година. Во нив често се користеле емотивни лични приказни, погрешно толкување на истражувања врз животни и тврдења дека вакцините ја менуваат човечката ДНК.

Некои објави го поврзуваат и зголемувањето на бројот на случаи на рак кај помладите со вакцините против ковид-19. Сепак, големи истражувања врз населението не покажале зголемен ризик од рак по вакцинацијата.

Постојаното повторување на ваквите тврдења, особено кога се придружени со научно звучен јазик и лични приказни, може да направи дезинформациите да изгледаат веродостојно.

Дезинформациите можат да му наштетат на здравјето

Неточните информации за лекувањето на ракот се чести на интернет и можат да влијаат врз одлуките на пациентите. Кога тие се потпираат на непроверени методи наместо на препорачани терапии, ризикот од смрт може значително да се зголеми.

Онколозите веќе се соочуваат со последиците од дезинформациите и мораат да ги разјаснуваат митовите на кои пациентите наишле на интернет.

Технологијата на иРНК влегува во важна фаза од својот развој. Научниот напредок се забрзува, но разбирањето на јавноста не го следи истото темпо.

Постојаното изложување на погрешни тврдења може постепено да ја намали довербата во технологијата и да доведе до тоа дел од пациентите во иднина да одбијат терапии базирани на иРНК.

Науката напредува, но мора да ја следи и комуникацијата

Откако една дезинформација ќе навлезе во јавноста, тешко е да се промени нејзиното влијание. Навремената и јасна комуникација може да помогне во спротивставувањето на дезинформациите, но изгубената доверба тешко се враќа.

Медицинските иновации можат да спасуваат животи само ако јавноста има доверба во нив. Затоа е важно навремено да се препознаваат дезинформациите, да се одговара на стравовите и прашањата на луѓето и да се обезбеди подобра комуникација меѓу лекарите и пациентите.

Иднината на лекувањето на ракот не зависи само од научните откритија, туку и од способноста на јавноста да ги проценува медицинските иновации врз основа на научни докази, а не на дезинформации што се шират на интернет.

Извор: CNN
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука