На 1 септември во училишните клупи ќе седнат неколку илјади помалку првачиња во споредба со минатата година.
Според првичните податоци од Министерството за образование и наука, неколку илјади деца што треба да тргнат во прво одделение не беа запишани летово, пред сѐ, поради навиката на дел од родителите традиционално да ги запишуваат децата кон крајот на август и во текот на септември.
Но, министерката за образование и наука Весна Јаневска во изјава за медиумите дадена на 6 август рече дека годинава ќе има околу 4.900 првачиња помалку од лани.
- Дури и ако се зголеми бројот на запишани деца во наредниот период, ќе имаме најмалку 3.000 првачиња помалку. Тој тренд го очекуваме и следната година - рече таа.
Министерката додаде дека причините првенствено треба да се бараат во демографските движења и намалениот наталитет. Генерацијата која сега се запишува во прво одделение е родена во 2020 година, кога веќе биле видливи негативните демографски трендови.
Од МОН побаравме одговор колкаво ќе биде конечното намалување на бројот, во кои општини е најкритично и на што се должи тоа, но оттаму одговорија дека прецизни информации ќе имаат на крајот од септември, до кога е рокот општините да ја испочитуваат обврската да достават извештаи за запишани ученици до МОН.
Поради намалениот број ученици, Министерството веќе најави времено затворање на околу 20 подрачни училишта затоа што наставата се одвива само со неколку деца.
- Како што ја споделивме информацијата со јавноста, намалување ќе има, но точни податоци ќе имаме на крајот од септември. Просечно на годишно ниво, години наназад, по 20-ина подрачни училишта не запишуваат ученици и времено се затвораат. Во моментов има 160 такви објекти. Во оваа насока се спроведува и процесот на оптимизација - онаму каде што има мал број ученици, тие се спојуваат со најблиското поголемо училиште, а се префрлаат и наставниците, односно не ги губат работните места - образложија од МОН како ќе се оптимизира работењето на училиштата ако се потврдат овие бројки на крајот од септември.
Сепак, добра вест за првачињата што ќе бидат запишани, како и за нивните родители, е што годинава многу повеќе училишта ќе ја почнат учебната година со едносменска настава.
Едносменската настава е едно од најклучните барања на родителите со првачиња на состаноците на родителските совети затоа што целодневниот престој во прва смена на училиште им овозможува подобра организација со децата и повеќе одмор на малите ученичиња.
- Над 200 училишта го прифатија и го спроведоа концептот на едносменска настава. Дополнително, во моментов се прошируваат капацитетите во 6 други училишта за да се овозможи настава во една смена (се одвиваат градежни активности), а во фаза на изработка се уште 15 проекти, од кои дел ќе почнат да се реализираат во ноември годинава, а дел пролетта следната година - ни одговорија од МОН.
Податоците покажуваат дека бројот на првачиња опаѓа речиси секоја година. Во учебната 2018/2019 година имало повеќе од 22.100 првачиња, додека во учебната 2025/2026 година нивниот број паднал на 17.921.
Во последната деценија, според анализите на Центарот за граѓански комуникации, бројот на ученици во основното и во средното образование е намален за околу 27.000.
Фото: приватна архива