По завршувањето на поправките на замокот Хиросаки во префектурата Аомори, надлежните ја применија техниката позната како хикија, со која објектот го поместуваат повеќе од 2 метра.
Со извици „со-ре, со-ре“, околу 1.800 луѓе се собраа во текот на викендот на северот на Јапонија за заеднички да го повлечат главниот дворец на замокот, тежок 360 тони, и да го поместат нешто повеќе од 2 метра поблиску до неговото првобитно место, во рамките на работите за обнова.
Главната кула, утврдена градба во рамките на замокот, мораше да биде поместена за да се поправи ѕидот оштетен во силниот земјотрес.
Групи од по 80 луѓе наизменично ги влечеа јажињата долги 30 метри, додека главната кула на замокот Хиросаки во префектурата Аомори постепено се приближуваше до целта. Во саботата учесниците ја поместија градбата, поставена на шини, за 1,13 метри, а во неделата за уште 1,09 метри.
- Добивме околу 8.000 пријави за 1.800 места во текот на овие два дена, што е околу четири пати повеќе од бројот на луѓе што можевме да ги примиме. Луѓето не доаѓаа само од градот, туку од цела Јапонија и од странство. Прилично голем број пристигна од Југоисточна Азија, како и од Европа и Северна Америка - вели Кенсуке Хајасака, раководител на одделението за паркови и зелени површини на градот Хиросаки.
За да се зачува историската градба, била употребена техниката позната како хикија, при која објектите се поставуваат на ролери и се поместуваат наместо да се расклопуваат. Градот уште во 2015 година ги повика граѓаните директно да учествуваат во овој подвиг. Така беше изведена првата хикија со учество на граѓани, а воедно тоа беше и првпат по еден век оваа метода да биде употребена за поместување замок.
- Бидејќи главната кула е прогласена за важно културно добро од национално значење, не ја расклопувавме. Го користиме методот хикија за преместување на градби кој одамна постои во Јапонија - рече Хајасака.
Ѕидот беше завршен во декември 2024 година, а сите 2.185 камени блокови беа вратени на нивните првобитни места. Откако таа работа беше завршена, надлежните годинава повторно побараа помош од граѓаните за да ја вратат кулата на нејзиното првобитно место.
Рачното повлекување на кулата ќе продолжи до крајот на август, а планирано е околу 4.100 луѓе да ја поместат градбата за 5 метри. Станува збор за симболичен подвиг чија цел е и поврзување на заедницата, додека преостанатите околу 73 метри до крајот на годината ќе бидат поминати со помош на машини.
Главната кула на замокот Хиросаки е една од 12. вакви градби што останаа во Јапонија и единствена во североисточниот регион Тохоку.
Замокот, некогаш седиште на кланот Цугару, бил завршен во 1611 година, но првобитната кула изгорела во 1627 година, откако гром удрил во складиште со барут и предизвикал пожар. Денешната градба била подигната во 1810 година, а замокот денес е во центарот на парк кој за време на сезоната на цветање на црешите привлекува околу два милиони посетители.
Поради обновувањето, кулата со години нема да биде достапна за туристите.
- Кога ќе биде вратена во првобитната основа, ќе започнат работите на зачувување на самата кула и целата градба ќе биде покриена. Според сегашните планови, очекуваме повторно да биде отворена за посетители во 2033 година - рече Хајасака.
Извор:
The Guardian
Фото: Screenshot/X