X
 26.08.2026 Технологија

Од оваа недела „Чет-ГПТ“ добива реклами

Десетици милиони корисници на „Чет-ГПТ“ низ Европа почнуваат да гледаат реклами во разговорите со чет-ботот. Компанијата „Опен АИ“ ја проширува својата неодамна започната рекламна програма на уште 31 европска земја, со што вкупниот број на пазари на кои се прикажуваат реклами достигнува 40.

Откако во февруари беа воведени во САД, а потоа и во Велика Британија, Канада, Јапонија и Јужна Кореја, рекламите сега пристигнуваат и во Европа. Од компанијата велат дека станува збор за нов начин брендовите да стигнат до луѓето во моменти кога тие активно истражуваат, споредуваат производи и носат одлуки за купување.

Кој ќе гледа реклами, а кој останува без нив?

Рекламите ќе се прикажуваат исклучиво на бесплатниот „Фри“ и на основниот „Гоу пакет“. Корисниците на поскапите пакети како „Плус“, „Про“ и „Ентерпрајс“ нема да гледаат реклами.

Од „Опен АИ“ уверуваат дека приватноста на корисниците останува заштитена.

Податоците не се продаваат
- Огласувачите немаат пристап до приватните разговори на корисниците.

Јасно означување - Секоја реклама ќе биде јасно означена и визуелно одделена од одговорот што го генерира чет-ботот.

Без влијание врз одговорите - Рекламите нема да влијаат врз содржината или објективноста на одговорите што ги дава вештачката интелигенција.

Сепак, одлуката веќе предизвика критики, особено поради прикажувањето реклами во основниот „Гоу пакет“, кој се плаќа околу 8 долари месечно. Дел од корисниците сметаат дека платената претплата би требало целосно да ги исклучува рекламите.

Каде е границата меѓу препорака и манипулација?

Воведувањето реклами во разговорите со вештачката интелигенција отвора и сериозни правни прашања во Европската Унија, особено во контекст на Законот за вештачка интелигенција и Законот за дигитални услуги.

Експертите за заштита на потрошувачите предупредуваат дека разговорите со чет-ботовите се специфични затоа што можат да бидат многу лични и емотивни. За разлика од класичните банери или спонзорираните резултати на „Гугл“, реклама што се појавува во текот на личен разговор со вештачка интелигенција може да биде многу поубедлива.

Токму затоа, границата меѓу корисна препорака и спонзорирано влијание може да биде многу тенка, предупредуваат тие.

Дополнително, Европската комисија разгледува можност пребарувањето во „Чет-ГПТ“ официјално да биде прогласено за многу голема онлајн платформа, односно сервис со повеќе од 45 милиони корисници во ЕУ.

Таквиот статус би значел и значително построги обврски за „Опен АИ“, меѓу кои годишни процени на ризиците, независни ревизии и јавен регистар на огласувачите.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Unsplash

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија