X
 26.12.2019 Култура

Големиот американски композитор Филип Глас во Париз ја прими наградата од „Скопје синема сити“

Филмскиот фестивал „Скопје синема сити“ му ја врачи награда за животно дело на познатиот американски композитор Филип Глас за достигнувања во музиката и филмот. Оваа награда фестивалот ја доделува од првото издание од 2015 година, кога му беше доделена на Дејвид Боуви, а на Глас му ја врачи Ненад Георгиевски, основач на фестивалот.

Признанието на светскиот композитор му беше врачено за време на неодамнешните концерти во Филхармониската сала во Париз, каде што тој и неговиот ансамбл под водство на Мајкл Ризман во три вечери ја изведоа музиката од трите култни филма познати како трилогија: Qatsi: Koyaanisqatsi, Powaqqatsi и Naqoyqatsi.



Во негова чест, во февруари „Скопје синема сити“ ќе го прикаже филмот на Ерик Дармон - „Филип Глас: Гледајќи го Глас“, во Кинотеката на Македонија, како дел од зимското издание на фестивалот.
Филип Глас денес се смета за најпознат и најуспешен американски композитор. На 82 години тој сѐ уште е активен и како композитор и како изведувач. Глас е еден од четворицата основоположници на минимализмот – правец во класичната музика кој во 60-тите и 70-тите направи револуција во класичната музика. Зад него е огромен опус што се состои од голем број симфониски дела, филмска музика, опери, музика за театар, дела за соло-инструменти, хорска музика итн.



Тој има настапено во Македонија во 2000 година, кога во Универзалната сала одржа хуманитарен концерт. Во изминатиот период Глас беше актуелен со новата симфонија „Лоџер“, која се базира врз третиот албум од берлинската трилогија на Дејвид Боуви и операта „Ехнатон“, која оваа година постигна толку голем успех што операта „Метрополитен“ реши да ја врати повторно на репертоарот за следната сезона 2020/2021.

За 2019 година лауреат на наградата на „Скопје синема сити“ беше Влатко Стефановски, кому во рамките на фестивалот му беше организирана ретроспективна изложба на концертни плакати под наслов „Патешествие“.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура