Германската влада на чело со канцеларот Фридрих Мерц планира да воведе нова мерка во системот на боледување – т.н. делумно боледување (Teilkrankschreibung). Наместо досегашното правило „или си целосно болен или целосно здрав“, во иднина лекарите би можеле да ја проценат работната способност во проценти (100 %, 75 %, 50 % или 25 %). Тоа значи дека, на пример, лице кое инаку работи 40 часа неделно, би можело за време на болеста да работи само 20 часа.
Реформата ја предлага министерката за здравство Нина Варкен, а целта е вработените постепено и порано да се враќаат на работа и да се намалат трошоците за боледување. Повод се високите стапки на отсуства – во просек околу 19,5 дена боледување годишно по вработен во Германија.
Услови за делумно боледување
За некој да работи за време на болест во намален обем, мора да бидат исполнети три услови:
-Лекар мора да утврди делумна работна способност.
-Вработениот мора да се чувствува способен за работа.
-Работодавeцот мора да даде согласност.
Ако работодавeцот не се согласи, останува класичното, целосно боледување.
Како би изгледало тоа во практика
Идејата е посебнo наменета за подолги боледувања (повеќе од четири недели). На пример, некој со полесна болест може да работи од дома наместо да оди во канцеларија, физички работник може привремено да работи административни работи, работодавците би можеле да помогнат со флексибилно работно време или работа на далечина.
Финансиски аспект
Во првите шест недели работодавецот и понатаму плаќа полна плата, а потоа работодавецот ги плаќа одработените часови, а здравственото осигурување го покрива остатокот преку надомест за боледување.
Се планира и намалување на надоместот за боледување од 70 на 65 отсто од бруто-платата, но вработените во некои случаи сепак би можеле финансиски подобро да поминат отколку кај целосното боледување.
Поддржувачите истакнуваат неколку предности од оваа реформа, како што се полесно и побрзо враќање на работа, помал вкупен број на денови на боледување, задржување на работните навики и вештини, подобра социјална вклученост, особено кај психичките болести, пофлексибилен премин од болест во полна работа. Експертите нагласуваат дека многу луѓе не се ниту целосно здрави ниту целосно болни, туку некаде помеѓу – па ваков модел има смисла.
Критики и загриженост
Синдикатите и социјалните организации предупредуваат дека вработените би можеле да бидат под притисок да работат и кога не се подготвени, закрепнувањето би можело да трае подолго или состојбата да се влоши и постои опасност „доброволноста“ да не биде реална. Противниците истакнуваат дека прераното враќање на работа би можело долгорочно да ги зголеми бројот и траењето на болестите.
Планираната реформа носи пофлексибилен пристап кон боледувањето, но и отвора прашања за заштитата на здравјето на вработените. Клучно ќе биде одлуките да бидат медицински оправдани и вработените навистина да имаат избор. За предлогот на законот допрва треба да одлучи парламентот, откако ќе помине во владата, наведува „Феникс-магазин“.
Фото: freepik