Наставниците од Австралија алармираат дека агресивното однесување од страна на учениците ги тера да ја напуштат професијата, дури и по децении работа. И покрај тоа што владата конечно отвори истрага за малтретирањето во училиштата, наставниците велат дека ако не се земат предвид и нивните искуства, нема да се запре драматичниот пад на кадарот во образованието.
Аманда (псевдоним) има над три децении искуство во наставата, вклучувајќи работа во оддалечени заедници. Оваа година очекувала да ѝ биде лесно на замена во Викторија, но по само три недели дала отказ. На секој час еден ученик од 11. одделение ѝ поставувал недолични прашања и отворено ја навредувал, додека другите одбивале да ги исклучат компјутерите и играле игри наместо да ја следат наставата.
- Бев скршена. Не можев да се вратам. Тоа што го доживеав беше култура на целосно непочитување - вели таа.
Според податоците од Австралискиот совет за образовни истражувања, дисциплинската клима во Австралија е значително полоша од просекот на ОЕЦД, а малтретирањето е почесто отколку во сите споредбени земји, освен Летонија.
Иако владината истрага се фокусира на децата и нивната добросостојба, наставниците нагласуваат дека и тие се жртви на истото неприфатливо однесување. Многумина се соочуваат со ментални здравствени проблеми и одлучуваат да ја напуштат професијата.
Еден наставник, кој е на боледување поради стрес по 20 години работа, објаснува дека порано имал тројца или четворица проблематични ученици, а денес речиси половина од одделението се однесуваат агресивно.
Друг поранешен наставник од Северозападен Нов Јужен Велс се пензионирал по препорака на доктор поради насилство и закани од ученици и родители, на кои училиштата не реагирале соодветно.
Податоците на Австралискиот институт за наставници и лидерство покажуваат дека процентот на наставници што планираат да ја напуштат професијата пораснал од 22 отсто во 2020 на 34 отсто во 2022 година. Причините се комплексни, но истражувањата покажуваат дека емоционалниот товар и насилството на работното место се клучни фактори.
Системот е расипан
Д-р Марк Рахими од Универзитетот „Дикин“ вели дека е потребна промена во политиките кои ќе ја препознаат наставата како емоционално и интелектуално сложена работа и ќе обезбедат соодветна поддршка и почит. Наставниците сведочат за физичко насилство, од удари, туркање, плукање, навредување, дури до сексуално вознемирување. Една наставничка вели дека група момчиња опколиле жена во инвалидска количка на дежурство во кантината. Во многу училишта нема ни видеонадзор, па нема доказ за инцидентите.
Друга наставничка со тридецениско искуство се пензионирала поради замор и разочараност, но се вратила по поплавите во Нов Јужен Велс.
- Во една година ме навредија повеќе пати отколку во сите претходни години настава. Културата е мизогина, но јас сè уште верувам дека наставниците прават разлика - вели таа.
Голем дел од наставниците не можат јавно да зборуваат поради ограничувања од министерството за образование, но сведочат за секојдневни вербални напади и од ученици и од родители. По пандемијата забележуваат пад на почитта и интересот за учење, како и зголемено отсуство.
- Системот е длабоко расипан - сведочи еден наставник.
Фиона Лонгмјур од Универзитетот „Монаш“ вели дека проблемот со задржување на кадарот е огромен, особено кај наставниците кои се на средината на кариерата.
- Можеме да вработуваме колку сакаме, но ако не ги задржиме и не се грижиме за нив, тоа е како да налеваме вода во дупнато буре - вели Фиона.
Наставниците се страсни во својата работа, но се деморализирани, нивната енергија оди на справување со сè освен со самата настава. А сè повеќе млади луѓе имаат сложени потреби и нарушено ментално здравје.
- Потребна е поголема грижа и поврзаност во училиштата за децата, но и за наставниците. Заборавивме дека училиштата не се само институции за постигнување резултати, туку и места за социјализација и развој - вели таа.
- Наставниците имаат огромна одговорност кон учениците со слаба самоконтрола, а ние одговараме за нивната безбедност. Но кој се грижи за нашата? - велат наставниците.
Извор:
The Guardian
Фото: Freepik