X
 30.09.2025 Живот

100 тампони за жените во вселената: Како НАСА ги подготвувала првите астронаутки?

Во 1978 година НАСА избрала 35 астронаути за новата ера на вселенски патувања, а шест од нив биле жени. Ова е приказната како програмата „Спејс-шатл“ постепено отстранила едни од слепите дамки на НАСА.

На 18 јуни 1983 година, шатлот „Челинџер“ се подготвувал за лансирање. СТС-7 била седмата мисија и првото вселенско летало на светот кое можело да се користи повеќе од еднаш. Меѓу петчлениот екипаж на леталото била и калифорниската физичарка Сали Рајд. Дотогаш, само две жени некогаш биле во вселената: Валентина Терешкова од СССР во 1961 година и Светлана Савицкаја во 1982 година.

Иако уште во 1965 година се појавила Барби-астронаутка со практични чизми и сребрен вселенски костим, Американките морале да чекаат многу подолго за да бидат дел од вистинската мисија. До 80-тите години светот и модата веќе значително се промениле.

На жените астронаути НАСА им обезбедила пакет за лична хигиена со козметика: маскара, сенка за очи и кармин. Но, голем дел од астронаутките не користеле шминки.

2
Фото:  NASA

- Некои од нас реагираа. Бевме збунети и малку изнервирани со овој козметички пакет - вели астронаутката Кетрин Саливан, која подоцна одиграла клучна улога во поправањето на вселенскиот телескоп „Хабл“.

Астронаутките имале и други проблеми со пакетот.

- Жените веќе се залагаа машкиот дезодоранс, препаратот за коса и пената за бричење да бидат заменети со лосиони и течности што повеќе одговараат за жени - вели Лин Шер, авторка на книгата „Сали Рајд: Првата Американка во вселената“.

Но, во некои ситуации, полот на астронаутите едноставно бил заборавен.

- Во 1978 година дел од астронаутите од воздухопловната база „Едвардс“ биле поканети да го гледаат најновото пробно слетување на „Ентерпрајз“. Сите астронаути што биле присутни, вклучувајќи ги и жените, добиле сувенири специјално за таа пригода: позлатени брошеви за вратоврска и манжетни во форма на шатл - додава Лин Шер.

Луѓето од НАСА сфатиле дека додека летаат, жените би можеле да имаат месечен циклус.

- Ставија тампони во приборот за да ги види Сали. Таа извади еден и тоа беше како да влечеше низа колбаси. Тампон, тампон, тампон. Имаше 100 тампони. И прашуваа: „Дали се доволно?“ Сали стана хистерична - раскажува Саливан.

3
Фото: NASA

Како што можевте да претпоставите, НАСА поседувала инженерско знаење да стигне до вселената, но не и целосно разбирање за женските приоритети или за менструалниот циклус.

- Најочигледните и најзабавните пропусти беа во опремата за екипажот - облеката, падобраните, кацигите, хигиенските потреби. Мислам дека тоа беа безопасни гафови и дека тимовите задолжени за нив работеа најдобро што можеа со она што го знаеја - раскажува Саливан.

Иако НАСА мораше да ја адаптира опремата за првите астронаутки - од специјални пелени до индивидуални гаќи за апсорбирање на урината, прифаќањето на жените во вселенската програма беше историски чекор. Долго време во агенцијата доминирало уверувањето дека само мажите ја поседуваат „вистинската работа“, бидејќи сите астронаути до тој момент биле воени пилоти. Но, со изборот на новата генерација во 1978 година, покрај пилоти биле вклучени и научници, инженери и лекари, меѓу кои и шест жени.

Сепак, нивното присуство наишло на скептицизам и сексистички предрасуди. Некои астронаути признале дека се сомневале во способноста на жените, а медиумите и комичарите често се потсмевале на нивната улога. Иако биле исклучително квалификувани, тие морале постојано да се докажуваат. Со текот на времето, Сали Рајд, Џудит Резник, Кети Саливан и Шенон Лусид покажале дека придонесуваат со истата храброст и професионалност како и мажите.

Голема улога одиграла и културата. Актерката Нишел Николс, позната како Ухура во „Ѕвездени патеки“, со својата работа за НАСА инспирирала жени и малцинства да се пријават. Така агенцијата успеа да го собере најразновидниот екипаж на астронаути во својата историја. Предрасудите постепено исчезнуваа, а во наредните генерации се појавија Афроамериканци, Американци со азиско потекло и уште многу жени.

Денес, во екипажите на Меѓународната вселенска станица има астронаутки со различно потекло и импресивни кариери, од инженерки до пилотки со борбено искуство. Како што истакна Сали Рајд, на НАСА ѝ беа потребни две децении да стигне онаму каде што е денес, но откако ја донесе одлуката да вклучи жени и малцинства, тие навистина станаа рамноправен дел од вселенските мисии.

Извор: Danas.rs
Фото:  NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот