X
 15.02.2023 Живот

Шпанија ќе ги известува жените доколку партнерот претходно извршил семејно насилство

Министерството за внатрешни работи во Шпанија преземa нови мерки за да го спречи семејното насилство.

Шпанската Влада одобрила специјален протокол против насилство со кој полицијата има дозвола да ги информира жените за историјата на насилство на нивните партнери. Промените следуваат откако биле забележани 11 убиства на жени од партнер само во декември. Оваа статистика поттикнала протести против насилството врз основа на пол со кои се барало од властите да преземат соодветни мерки.

Новиот протокол нема да биде автоматска процедура. Жените ќе бидат информирани дека нивниот партнер претходно извршил семејно насилство доколку се смета дека е важно и доколку насилството било извршено во последните пет години.

Полицијата ќе прави процени за да одлучи дали ќе известува за одреден насилник кога ќе биде поднесена пријава или барање за интервенција. Во оценувањето, полицијата ќе ги земе предвид сериозноста на престапот и ранливоста на жртвата за да одлучи дали да ја извести жената дека партнерот има историја на насилство.

Меѓутоа, полицијата автоматски ќе ги известува жените што се регистрирани во базата на податоци на жртви на насилство врз основа на пол.

Во 2022 година вкупно 49 жени биле убиени од своите партнери во Шпанија.

Извор: The mayor
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот