X
 01.06.2018 Култура

Сѐ уште постојат професии кои, според закон, жените не смеат да ги работат



Дури 104 земји во своето законодавство сè уште имаат барем по еден закон кој на жените им забранува да се занимаваат со одредени професии.

И на Запад одредени земји и ден-денес имаат барем еден закон кој ги спречува жените под истите услови рамноправно да се натпреваруваат за исти професии со мажите. Најновото обемно истражување на Светската банка за состојбата со правата на жените во 189 држави во светот покажало дека 104 земји сè уште имаат барем еден закон кој им забранува на жените да се занимаваат со одредени професии.


Жена кова клинец
(Фото: Pixabay)


Додека е совршено јасно каква е состојбата по однос на истото прашање во една Саудиска Арабија и другите заливски монархии или во разрушените земји од третиот свет, неверојатното е што помеѓу таквите земји се наоѓаат дури и Швајцарија и Чешка. А ситуацијата не е нималку наивна. Еднакво право на работа е директен предуслов за барање еднакви плати за исто сработена работа, што значи и шанса за еманципација во општеството, еднакво влијание, и конечно – еднаква политичка моќ и моќ во економијата.

На пример, во Виетнам жените не смеат да возат трактор посилен од 49 коњски сили. Во Казахстан не смеат да работат во кланица, нити во кожарска индустрија, за што мажите, пак, имаат право. Станува збор за „морално непримерни“ професии за жените, стои во казахстанското законодавство.

Во најлошите случаи, како во Саудиска Арабија, жените не смеат да регистрираат фирма, а во секоја десетта земја во светот мажите може да се повикаат на одредени закони за да им забранат на своите жени да работат. Повеќето закони во тие земји се однесуваат на „заштита на понежниот пол“, а доколку тоа не е случај, тогаш станува збор за крајно конзервативни општества, било по верска било по традиционална основа.

Во многу случаи ваквите забрани во последните години се покажуваат како штетни за економијата. Забраната за работа на жените навечер потекнува од времето на индустриската револуција во Велика Британија, за да биде укината во текот на 20 век во Европа, а последните години и во другите делови од светот. Филипини тоа го укинале во 2011 година, кога работодавците се пожалиле дека нивните телефонски центри за известување или слични услуги од Запад, поради временската разлика треба да работат во текот на ноќта.  

Неколку други примери, пак, се целосно изненадувачки. Жените во Молдавија, на пример, смеат да возат автобуси, но не доколку тие имаат повеќе од 14 седишта. Азербејџан не им дозволува на жените да работат работи како чистење на канализацијата. Во Белорусија жените не смеат да работат работи поврзани со пестициди.

Египет на жените им забранува да работат со гној, инсектициди и хормони, во Гвинеја – со одредени видови чекани, во Нигерија не смеат да работат навечер во фабрики за гас, а во Ангола – нити преку ден. Во Аргентина жените не смеат да работат во дестилерии или да продаваат алкохол. Во Русија не смеат да возат воз. А освен тоа, Русинките се изложени на 455 други ограничувања. Во Кина жените не смеат да работат на водоводни системи – за време на месечен циклус.

Во Бахреин не смеат навечер да работат во електрани, исто како и на Мадагаскар. Во Малезија смеат да работат со превоз на патници и стока, на воден и копнен сообраќај, но само на дневна светлина. Сè на сè, 2,7 милијарди жени низ целиот свет немаат право да изберат исти професии како мажите.

Извештајот на Светска банка наведува дека меѓу земјите што немаат посебно тело што се занимава со спречување на дискриминација се и САД. Дури и земјите со поразумни закони пред себе имаат долга и мачна борба за примена на сите тие закони и права во корист на жените, во насока на постигнување рамноправност меѓу половите.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура