X
 01.09.2023 Образование

УНИЦЕФ повикува на зголемени инвестиции за да се обезбеди квалитетно и инклузивно образование за секое дете

Правото на образование на детето го опфаќа правото на учење. Недостигот на квалитетно образование поставува значителни пречки на патот на децата во остварување на нивниот потенцијал во периодот на растење. Додека го славиме почетокот на новата учебна година, треба да внимаваме на предизвиците со кои се соочуваме и да ги удвоиме нашите напори да обезбедиме секое дете да добие квалитетно образование и никој да не биде изоставен, порачува Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава.

Во соопштение до медиумите таа укажува дека и пред пандемијата Македонија се соочуваше со криза во процесот на учење и дека и покрај малите подобрувања во успехот на учениците во последниве години, сепак, повеќе од половина од сите 15-годишни деца во земјата не успеваат да ги задоволат основните нивоа на владеење на читање и математика.

-Понатаму, резултатите во образованието се чини дека ги репродуцираат постојните нееднаквости, при што учениците од поволна социо-економска средина и девојчињата постигнуваат подобри резултати од момчињата и пообесправените ученици. Децата кои заостануваа во минатото, сега се млади возрасни лица, кои се запишуваат во високо образование или се дел од работната сила на пазарот. Ова сценарио ќе опстои во сите возрасни групи додека не се преземат значителни мерки за решавање на проблемот. Затоа треба да преземеме итна акција бидејќи последиците ќе бидат далекосежни и ќе влијаат и врз сегашните и врз генерациите што доаѓаат, наведува Ди Џовани.

Благодарение на новиот Закон за основно образование, посочува претставничката на УНИЦЕФ, од оваа учебна година сите деца со попреченост ќе бидат запишани во редовните училишта за да учат заедно со своите врсници, што има докажана придобивка за сите деца во училницата. Поддршката што ресурсните центри ќе им ја дадат на училиштата во оваа транзиција е клучна, нагласува Ди Џовани, за да се осигури дека овие деца ќе бидат поддржани да учат и да го постигнат својот целосен потенцијал.

Сепак, Комисијата бара внимание да се посвети на потребата од дополнителни мерки, стратегии, услуги и поддршка, наведува таа, за да се обезбеди пристап до квалитетно образование на децата од ранлива категорија.

-Родителите, исто така, треба да бидат поддржани за активно вклучување во образованието на нивните деца, што ја зајакнува добросостојбата и самодовербата на детето и е важно за академскиот напредок. Дополнително, треба да продолжат реформите во наставните програми за да се поведе грижа дека децата можат да стекнат релевантни знаења и вештини кои ќе ги подготват да напредуваат во современиот свет. Наставниците и стручните соработници имаат потреба од континуиран пристап до квалитетни можности за професионален развој, квалитетни образовни ресурси и податоци - посочува Ди Џовани.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование