X
 15.03.2024 Образование

„Сѐ може да се одложи, само грижата за талентите не“

По повод Меѓународниот ден на надарените и талентираните, Педагошкиот факултет - Битола, единица на УКЛО, одржа вебинар на тема „Сѐ може да се одложи, само грижата за талентите не“.

За УКЛО, лидерската позиција на Педагошкиот факултет во областа со надарените и талентираните е составен дел од мисијата на Универзитетот да ја препознае потребата универзитетската средина да биде природен амбиент за организирана поддршка на младите таленти. Кон ваквата посветеност се надоврзува уште еден значаен момент за УКЛО – како дел од европската универзитетска алијанса – КОЛОРС, УКЛО во иднина ќе може да развива заеднички студиски програми, размена на студенти и кадар, особено во развојот на надарените и талентираните студенти во рамки на Алијансата.

Одржаниот настан посветен на грижата за талентите, за младите кои се истакнуваат со дарба и способности, се оценува како активност за поврзување на комплексните и клучни аспекти, но и сите чинители важни во препознавањето, грижата и насочувањето на талентите низ образовниот систем и во општеството.
Факултети.мк се осврнува кон клучните моменти поврзани со темата „Сѐ може да се одложи, само грижата за талентите не“ благодарение на стручната опсервација и експертиза на професорот од Педагошкиот факултет – Битола, проф. д-р Љупчо Кеврески.

uklo

Како подобро ќе го разбереме напредокот на човечката цивилизација ако не се присетиме на фасцинантните научни и други достигнувања на надарените и талентираните со нивните епохални генијални дострели. Да се зборува за надарените, талентираните и креативните, значи да се соочите со универзален колорит на парадокси во реалности, во кој постои ривалство на „малцинството“ и „мнозинството“, односно помеѓу исклучително способните и другите. Тоа имплицитно и експлицитно подразбира дистанцирање од традиционалните концепти на мислење, кое треба да се (де) мистифицира во нашето современие. Слободно може да се каже дека во глобални рамки продолжува отворената „војна за талентите“ и тоа со засилен интензитет која се изразува преку „задржување на талентите во својата земја“ и „привлекување на талентите од другите држави“.

Како резултат на императивната потреба од давање значење на надарените и талентираните, Педагошкиот факултет-Битола на 12.3.2024 година по четврти пат го одбележа Меѓународниот ден на надарените и талентираните. Темата: „Сѐ може да се одложи само грижата за талентите НЕ“ упатува на јасна сигнализација и алармантна потреба од промена на односот кон надарените и талентираните каде и да се наоѓаат. Модератор на манифестацијата беше проф. д-р Билјана Граматковски, а воведните импулси ги даде проф. д-р Љупчо Кеверески. Посебно задоволство беше што министерот за образование и наука на РС Македонија, Јетон Шаќири, како и ректорот на Универзитетот, проф. д-р Игор Неделкоски, и овој пат активно се вклучија во нејзиното одбележување. Деканката на Педагошкиот факултет –Битола, проф. д-р Данче Сивакова, го нагласи задоволството што нашиот факултет и УКЛО се препознатливи и подготвени да се соочат со предизвиците со кои се соочуваат талентите во студенската популација. Со тоа тие упатија јасен сигнал за потребата од поголема сензибилизација на општествената јавност, изнаоѓање поефикасни институционални решенија за поддршка на надарените и талентираните и јакнење на нивните индивидуални капацитети, што ќе значи превенција на одливот на талентите од нашата држава. На настанот присуствуваа околу 100 студенти и други претставници од академскиот живот. Посебно е за одбележување големиот интерес и дебатата која се разви на самиот вебинар од страна на надарените и талентираните студенти со голем број прашања и предлози.

2

УКЛО и талентите на УКЛО:

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола е позната и призната средина со долга академска историја. Во неа голем број млад академски потенцијал прераснал во високо стручен универзитетски профил кој развојно правно се вклучува во европскиот и светскиот образовен простор. Но, забележителна е потребата од организирана поддршка на младите таленти со нивно вклучување во научноистражувачката сфера. Откривањето, развојот и поддршката на талентите на универзитетско ниво од различни научни дисциплини и области и нивна интеграција во адекватни модели на едукација е приоритет кој постојано се развива. Универзитетската средина е природно место за развој на талентите, каде што најприродно можат да ги развиваат своите потенцијали.Универзитетот и во него компетентните стручни профили треба да создадат материјално-технички, методско-дидактички, педагошко-психолошки, финансиски, организациски и други претпоставки за развој на талентите. Идејата на надарените и талентираните да бидат под „опсевација на стручни лица“ е компатибилна со универзитетите од највисок светски ранг. На УКЛО, под раководство и со поддршка на ректорот, Ректорската управа и проректорката проф. д-р Јасмина Бунеска Талеска, продолжуваат активностите со надарените и талентираните и нивните ментори со нови проектни предизвици со кои единствена цел е да се развие потенцијалот кој ќе биде вграден во македонски образовен простор и стопанските институции. Во сите активности недвосмислено е да се истакне поддршката на стручните служби на УКЛО кои обезбедуваат висококвалитетна логистичка поддршка. Институционалната мисија на УКЛО е создавање услови и реални претпоставки за унапредување на воспитно-образовната поддршка на талентираните и надарените што би значело сериозен обид за нивно задржување во државата и вклучување во општествениот и стопанскиот живот, како и во научната сфера.

Педагошкиот факултет-Битола прв започна уште во 2010 година со акредитација на вториот циклус на образование на надарени и талентирани, за потоа да продолжи со акредитација на трет циклус на докторски студии од областа на надареноста и талентираноста во 2015 година. Ова се првите успешни обиди во Југоисточна Европа, но и пошироко на институционално ниво да се организира едукација на кадри за образование на надарените и талентираните во сите образовни сегменти. Педагошкиот факултет-Битола со тоа поставува респектабилен организациски ориентир од каде што започнува институционалната историја насочена кон препознавање, идентификација, работа и следење на развојот на надарените и талентираните.

uklo

Што да се направи? Во нашата држава во последно време се очекува интензивирање на третманот кон надарените и талентираните, што ќе значи квалитетно подобрување на општиот третман на оваа категорија ученици. Тука се мисли на формирање Национално тело кое ќе ги синхронизира парцијалните обиди и искуства на експертите, органите и институциите кои се во насока на спречување на одливот на талентите. Следен чекор секако би бил изработување на Национален документ за откривање, работа и следење на развојот на надарените и талентираните во вид на Национален концепт, Национална програма... Формирање регионални центри/центар по принципот на Истражувачката станица Петница, но со адаптација на концептот според специфичностите и условите. Формирање Научен институт за поддршка и развој на надарените и талентираните како посебна членка на УКЛО. Сите тие иницијативи се во функција на промена на односот кон надарените и талентираните. Овие активности ќе бидат иницијални импулси за вистинска, а не теоретска грижа и интерес кон оваа категорија, со што ќе имаме корист сите ние.

Заклучок

Одговорноста за поддршка на талентите во принцип лежи во сите нас, односно во релевантните органи, институции и поединци. Но, посебно тоа се однесува и на оние што биле инспирирани да стекнат стручни компетенции во областа на надареноста и талентираноста. Со тоа, за УКЛО, грижата за развој на талентите претставува академска инспирација и професионална обврска. Тоа е вистинскиот одговор на „одливот на талентите“ бидејќи нивните потенцијали и успеси за секоја земја значат јакнење на националниот идентитет, подигнување на институционалната репрезентативност и градење позитивна слика за (само)перцепција на талентите. На крајот: Сѐ може да се одложи само грижата за талентите не. Важно е колку таленти има една земја, но поважно е колку од нив остануваат во неа. Недоволната грижа за талентите е најголема негрижа за нив. Не заборавајте, се раѓате во својата држава.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование