X
 03.07.2018 Живот

Во кои земји служењето воен рок е задолжително?

Пред неколку години Македонија го укина воениот рок, меѓутоа, голем број земји размислуваат за повторно воведување на задолжителниот воен рок. Франција е една од земјите што најавија чекори во тој правец.

Во Франција сите 16-годишници ќе мора да поминат еден месец во државна служба, со можност за доброволно служење на дополнителни три месеци во војска или во полиција.

Оваа идеја потекнува од претседателот Емануел Макрон, кој ја претстави во текот на изборната кампања. Тој рече дека сака француските граѓани директно да го искусат животот во војска.

vojska
Фото: Getty Images


Би-би-си направи преглед на државите во кои сѐ уште постои задолжителен воен рок и на начините на кои тоа е регулирано.

Јужна Кореја

Јужна Кореја, која формално сѐ уште е во војна со Северна Кореја, има многу строг систем на воена обврска. Сите воено-способни мажи мора да поминат 21 месец во пешадија, 23 месеци во морнарица или 24 месеци во воздухопловство. Имаат и можност да служат во полиција, пожарна, крајбрежна стража или во ретки случаи во државна администрација.

За извонредните спортисти има ослободување ако освојат златен медал на Олимпијада или на Азиските игри.

Во Северна Кореја задолжителниот воен рок трае 11 години за мажите и 7 за жените.

Еритреја


Сите мажи и млади неомажени жени во Еритреја мора да отслужат 18-месечен воен рок. Во практика овој рок може да трае неколку години, па и доживотно.

Во извештајот од „Амнести интернешнл“ од 2015 година се вели дека регрутите и понатаму се распоредуваат на разни цивилни и воени должности, што всушност е присилна работа.

Избегнувањето на служењето воен рок е главната причина што младите Еритрејци ја напуштаат земјата и бараат азил во Европа.

Швајцарија


Во Швајцарија воениот рок е задолжителен за сите мажи од 18 до 34 години. Обуката трае 21 недела, а секоја година се оди на уште една обука.

За жените, воениот рок не е задолжителен, но можат да се пријават доброволно.

Швајцарија досега трипати излегува на референдум за укинување на задолжителното служење и сите трипати граѓаните гласале против.

Бразил


Воениот рок е задолжителен за мажи над 18 години, со што студентите можат да одложат.

На војниците им следува мала плата и храна и сместување во касарните, што привлекува многу сиромашни Бразилци.

Израел

Воениот рок во Израел е задолжителен и за мажите и за жените. Мажите служат три години, а жените две.

Обврската важи за сите граѓани, и во земјата и во странство. Се ослободуваат оние што имаат здравствени проблеми. Врвните спортисти можат да сметаат на скратување.

Сирија


Во Сирија сите мажи мора да служат војска. Претседателот Башар Ал Асад во март 2011 година го скрати воениот рок од 21 на 18 месеци.

Доколку граѓаните не се јават на повикот за регрутација, може да ја изгубат работата, а за самоволното напуштање на единицата е предвидена затворска казна до 15 години.

Воен рок


Некои земји повторно воведоа воен рок во изминативе неколку години.

Само 8 месеци по укинувањето, министерството за одбрана на Грузија повторно вовело задолжителен воен рок. Новиот систем опфаќа воена обука од три месеци, а потоа служење во професионална војска.

Литванија повторно го воведе воениот рок во 2016 година. Сега сите мажи помеѓу 18 и 26 години, освен ако не се студенти или самохрани татковци, мора да служат војска една година.

Граѓаните на Шведска гласале за повторно воведување задолжителен воен рок. Тој бил укинат во 2010 година, по 100 години. Тоа значи дека од 13.000 луѓе родени во 1999 година 4.000 ќе бидат повикани во војска.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот