X
 13.03.2017 Образование

Интервју со проф. Рубин Гулабоски од УГД: Секогаш сум бил опкружен со инвентивни, паметни и инспирирани студенти

Сите треба да сме во служба на студентите, затоа што без нив нема да нè има ниту нас ниту нашата работа. Во денешно време студентите имаат голем избор, лесно може да споредуваат и многу едноставно знаат да препознаат наставници што се посветени на нивниот развој и кои на некој начин, им пренесуваат знаење и искуство и ги мотивираат да истраат - вели Проф. д-р Рубин Гулабоски, од Факултетот за медицински науки, од Штипскиот универзитет.



Со повеќе од 60 оригинални научни публикации (55 од нив објавени во списанија со импакт фактор), неколку книги, автор и на еден интернационален патент и на еден пронајдок тој се вбројува меѓу професорите кои се вистински посветени на науката. Трудовите на Гулабоски се цитирани повеќе од 1.320 пати во интернационални публикации, што го прави и еден од најцитираните автори од Македонија. Неговиот квалитет го препознаа и студентите, па го избраа за еден од на најинспиративните професори во земјава.

- Информацијата да се биде избран како најинспиративен професор на еден голем универзитет е нешто што ти дава мотивација, верба дека работиш на вистински начин и дека се посветуваш најмногу на тоа што е примарната цел-студентите. Нашата макотрпна работа, нашите напори и залагања да се посветиме целосно на студентите, да им ги пренесеме нашите знаења, да им помогнеме да станат луѓе со вистински вредности и да го најдат вистинскиот пат во животот добиваат целосна смисла кога добиваме позитивен feedback од студентите. Едноставно, сите треба да сме во служба на студентите, затоа што без нив нема да не има ниту нас ниту нашата работа. Во денешно време студентите имаат голем избор, лесно може да споредуваат и многу едноставно знаат да препознаат наставници што се посветени на нивниот развој и кои на некој начин, им пренесуваат знаење и искуство и ги мотивираат да истраат.



Факултети.мк: Дека сте им инспирација на своите студенти, тоа го покажа нашата анкета. Но, што конкретно кај студентите Ве инспирира Вас, за да им бидете и секако да останете посветени?
- Доколку наставникот/професорот не најде одредена инспирација кај студентите, тешко е и самиот тој да ги инспирира нив. Мотивацијата за пренесување на знаењата и искуствата во голема мера зависи од тоа дали во предавалната каде што ги одржуваме предавањата и работилниците имаме студенти што се заинтересирани за материјата што ја предаваме, што знаат често да постават прашања што се релевантни и интересни, студенти што се спремни да дискутираат и дебатираат за разни проблеми и студенти што знаат да ги поврзат секојдневните настани со тоа што ние го предаваме. Во секој случај, инспирацијата на студентите е тесно поврзана и со залагањето, искуството, организацијата на часовите и начинот на пренесување на знаење од страна на професорите. Дури и кога има прекрасни предмети на кои може многу да се дискутира, доколку професорот не е заинтересиран, или пак не знае како да го направи интересен часот, кога им чита од слајдови наместо да ги анимира студентите, кај таквите предмети студентите тешко наоѓаат инспирација да бидат активни и таквите предмети, за голема несреќа, нема воопшто да бидат вреднувани и релевантни. Сум имал многу такви случаи додека бев студент, а сигурно тоа го има и сега кај голем број професори. За голема среќа, во мојата кариера и во Германија и во Португалија и тука во Македонија, секогаш сум бил опкружен со голем број на инвентивни, паметни и инспирирани студенти со кои е вистинско задоволство да се работи. Нивното активно вклучување во нашите проекти е мотив плус за сите останати студенти да почнат да работат посериозно, затоа што веќе знаат дека на пазарот ќе може да се „продадат„ само вистинските вредности.

Факултети мк: Има ли некоја посебна причина што Ве натера да ја изберете оваа професија и како е денеска да се биде учител?
- Професијата професор на универзитет едноставно не се бира, таа доаѓа сама од себе. Јас кариерата ја почнав како научник, докторирав во Германија, бев на неколку постдокторски престои во Португалија, Германија и Швајцарија како стипендијата на Хумболт и ДААД фондациите и во таа интернационална научна кариера се здобив со искуство кое сакав да го пренесам на студентите во Македонија. Едноставно, штета е да знаеш дека во Македонија има потенцијал кај голем број на студенти, а истиот да не може да биде искористен или правилно насочен. Денеска не е лесно да се биде добар образовен работник. Можеби професор може да биде секој во денешно време, но да бидеш добар професор во вистинска смисла на зборот не значи само да одржиш предавање, да испрашаш “реда-ради„ и во слободното време да се шеташ по светото и да правиш селфи од некои конгреси за да ги нервираш колегите. Денес професијата професор е потешка од било кога, бидејќи студентите се упатени во голем број работи, го следат развојот на науката, мораш да бидеш во тек со настаните што се од твојата област, да ги следиш новите достигнувања, мораш да внимаваш на кое ниво треба да го предаваш материјалот за да им биде достапен на сите, мораш истовремено и да аплицираш за интернационални проекти со цел да обезбедиш средства за фукнционалност на лабораторијата и да анимираш студенти, да ги вклучуваш во проекти, да си вклучен во изработка на магистерски и докторски трудови и да обезбедуваш стипендии за студентите, да ги праќаш на студиски престои, да работиш со нив, да бидеш и во лабораторија и во предавална и да бидеш во исто време и административен работник. Тоа е сликата за „нормално-добар„ професор денес, не само во Македонија туку и било каде. За жал, тоа е премногу тешко и за голем број ентузијасти кај нас. Но сите сме со верба дека голем дел од нашите заложби за конкретно финансирање на научни проекти, што се секогаш во служба на студентите, ќе бидат реализирани. Едноставно, која и влада да дојде во Македонија, треба да знае дека развојот на целото општество се темели на развојот на науката. Секој еден министер од овој сегмент, треба да знае едно-да направи систем во кој преку научни проекти ќе се финансираат добрите студенти-да се дадат стипендии за нив, можеби колку минимална плата во Македонија, со цел да може да функционираат и универзитетите и професорите, а студентите да имаат подобра иднина. А за секоја држава, тоа не се големи средства, а бенефитот од таквите активности може да биде многукратен.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование