X
 24.07.2017 Образование

Уште малку стипендии за постдипломски студии ви се на дофат во Охридската филмска академија

Доколку ве интересира режија, филмско сценарио, креативна продукција, кинематографија или постпродукција на слика и на звук, обезбедете си школарина во вредност од 9.000 евра и аплицирајте од 1 до 31 август.



Едно место за режисер и по неколку во другите катедри ве очекуваат на Филмскиот институт – Охридската филмска академија, каде што до 31 август е распишан конкурс за стипендирање постдипломци. Доколку ве интересира режија, филмско сценарио, креативна продукција, кинематографија или постпродукција на слика и на звук, искористете ја оваа можност и обезбедете си школарина во вредност од 9.000 евра. Третиот круг за постдипломци во неколку категории ќе биде отворен од 1 август.

Без разлика какви додипломски студии имате завршено, можете да аплицирате за стипендија и да учите од врвни професори на Прашката филмска и телевизиска школа (ФАМУ), петтата најстара филмска школа во светот.



Годинава се планирани вкупно 30 стипендии, а истите ги обезбедува Министерството за образование и наука. Наставата се одвива на англиски јазик во најсовремена технологија.

Институт за филм – Филмска академија - Охрид е прва филмска академија во Македонија, која се наоѓа во Охрид. Таа ја продолжува долгата традиција на дипломирани студенти на ФАМУ што вклучува многу влијателни режисери и сценаристи, многу познати во меѓународен контекст, како добитници на „Оскар“ и на награди на други филмски фестивали.

За повеќе детали, информирајте се на: www.filmacademyohrid.com, како и на фејсбук-профилот Film Academy Ohrid.

Одлични професори, максимално посветени на едукација на студентите, програма која те тера да си ангажиран пет дена неделно, секојдневни предавања што траат и по 5-6 часа, ова се дел од впечатоците на драматургот Благица Секулоска.

-Тоа е школа која бара комплетна посветеност и голем труд, но воедно е и привилегија да учиш од најголемите мајстори на филмот во Европа, па и пошироко. За мене претставува огромна чест што сум првата генерација која е дел од овој проект и топло им ја препорачувам ФИОФА на сите што сакаат да научат повеќе за филмскиот занает – вели Секулоска.

Еве неколку изјави на ученици на професорите на Филмската академија, кои имале соработка и на други академии.

-Учејќи филм од Иво Трајков, ми беше огромно искуство. Тој има длабоко разбирање за тоа како функционираат филмовите, има исклучително драматуршки пристап и е многу чувствителен и со големо разбирање за да го искомуницира сето тоа. Тој дефинитивно ми помогна подобро да го разбирам снимањето на филмови – вели сценаристот Теодор Кун од Словачка.



За режисерката Ирис Шазењ, соработката со професорот Томаш Дорушка, кој исто така предава на ФИОФА, била огромно искуство.

-Во текот на едногодишната програма за режија на ФАМУ, Томаш Дорушка ми беше ментор. Со тројца други колеги, имав работилница со него еднаш неделно, каде што ги дискутиравме нашите проекти во средина базирана на споделување и заемна помош. Во нашите четири еклектични стила, Дорушка успеа да ни ги даде алатките да се афирмираме и да се подобриме. Како ментор, тој ќе ме испровоцираше да си ги поставам вистинските прашања и да го збогатам мојот процес на размислување за да можам да постигнам што сакам и да го пронајдам мојот личен начин. Тој ме потсети дека секој режисер ги креира сопствените правила и неговиот сопствен филм. Повеќе од талентиран режисер, Томаш Дорушка е исто така сјаен и вклучен професор и ментор – вели Шазењ.

ФИОФА е формирана во 2015 година. Мисијата на Охридската академија е подготовка на нова генерација филмаџии што ќе влезат во филмската и телевизиската индустрија со повеќе вештини, подготвени за соработка и иновации.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование