X
 27.09.2017 Образование

Како еден министер за образование со еден потег направил суштинска промена?

Првото и основно прашање на образованието е: ШТО, односно што треба да се учи, што да учи младата генерација. Прашањето за ефикасноста (КАКО) се поставува многу подоцна. Тоа прашање е поврзано со продорот на индустријализацијата, наглиот пораст на бројот на училишта и ученици, и потребата за квалификувана работна сила способна за работа.


Анализата на наставните содржини може директно да покаже и утврди што општеството (односно неговата доминантна структура) мисли за себе, за целите на образованието, односно за поединецот и заедницата.

Основното прашање на кое мора да се одговори во програмата на училиштето е: кои содржини од целокупното човеково искуство заслужуваат да бидат предмет на наставата и учењето? Односно со кои знаења и способности ќе може да располага ученикот кога ќе заврши со своето образование. Всушност, младата генерација и го започнува својот живот со тоа што партиципира во постојните вредности кои ги усвојува и понатаму ги развива.

Содржини кои зборуваат за тоа што е човекот и кон што се стреми, за идентитетот на поединецот и заедницата. Тоа се подрачја на духовната сфера кои ги познаваме како наука, уметност, филозофија, јазик, морал, обичаи, историја, традиција. Тоа се знаења за развојот на човекот и разбирањето на природата и себе, за неговите откритија и изуми, за борбата за личен опстанок. Содржини за актуелниот социјален живот (општествено-економски односи) и за материјалното производство.

Сите овие содржини се израз на своето време, научниот, културниот и техничко-технолошкиот развој.

Иновациите во содржините и поттикнувањето на иновативното учење во пристапот на наставните планови и програми придонесуваат за создавање иновативно општество, на индустриска и информатичка цивилизација. Тоа значи дека во интерпретација на содржините повеќе простор треба да се даде на културата на мислење отколку на културата на „складирање“ информации и податоци.

Според тоа, наставата со своите содржини мора да реагира на предизвиците што ги наметнува развојот. Затоа, голем е предизвикот како училиштето да го направи тоа („Училишта без ѕидови“, „Училишта без катедри“…).

Комуникацијата со светот е темелна претпоставка за сите можни иновации. Другата значајна карактеристика е целосна фокусираност на ученикот. Тоа произлегува од зголемената свест дека секој поединец е различен од сите други, и токму поради тоа има „природно“ право на личен избор. Оттука, многу е поучен еден пример од Франција. Имено, францускиот министер за образование Joseph Fonetanet во 1973 г., ја издал следната наредба: „Одлучив во средното образование 10% од времето во целата учебна година да се искористат за иновациска дејност во образованието“.

Училиштата биле целосно изненадени и неподготвени за тоа. Како да се искористи тоа време? Па, започнале да работат на програми во кои можеле да се пронајдат и учениците и наставниците и многу институции и луѓе од општеството… На почетокот имало од сè по нешто, многу импровизации и ситни работи. Но, на видело се појавиле и многу вредни иницијативи од областа на културата, уметноста, социјалната работа, науката, техниката, екологијата, спортот… и во целото тоа се пронашле и се мотивирале многу ученици и наставници.

Автор: проф. д-р Кирил Барбареев
Преземено од блогот Еуритмија

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование