X
 01.11.2017 Образование

Девојчињата повеќе знаат природни науки, но мaшките владеат со техничките професии

Девојчињата во Македонија имаат подобри постигнувања по математика за разлика од момчињата, но на што се должи тогаш резултатот „женски успех, а машка професија“? Ова се дел од прашањата со кои се занимава анализата „Средношколците и природните науки: Анализа на ставовите и перцепциите од родов аспект“ на Ана Мицковска-Ралева.




Ученичките во земјава имаат подобри постигнувања по математика и по природни науки за разлика од момчињата, но со техничките професии, кои се поплатени, сепак владеат мажите. Македонија ги следи светските трендови околу ова прашање, а токму тоа го покажала и најновата анализа на Ана Мицковска-Ралева, истражувач и аналитичар за образовни политики во Центарот за истражувања и креирање политики од Скопје.
Дали жените од Македонија се доволно застапени во техничките професии, кои се и едни од најплатените, колку девојчињата во Македонија имаат интерес за изучување на математиката и на техничките науки во текот на образованието, се дел од прашањата со кои се занимава анализата „Средношколците и природните науки: Анализа на ставовите и перцепциите од родов аспект“. Заклучокот е дека во Македонија, како и во остатокот од светот, работната сила од областа на техничките науки и од математиката е доста родово сегрегирана. Конкретно, жените се недоволно застапени во техничките професии. Од друга страна, овие професии, особено информатичките, се највисоко платени и родовата нееднаквост во нив придонесува за генералната родова нееднаквост на пазарот на труд, која најчесто се рефлектира во нееднаквото вреднување на трудот.
Родовата нееднаквост на пазарот на трудот честопати се поврзува со различните професии што жените и мажите ги избираат и ги извршуваат. Додека жените се насочуваат повеќе кон професиите поврзани со грижа и услуги, мажите се позастапени во техничките професии.
- Некои од клучните фактори што влијаат врз родовата сегрегација на професиите се биолошките разлики помеѓу половите, недоволното инвестирање во човечки капитал (образование или обука), преференции и предрасуди, социјализација и стереотипи, пречки во пристапување кон одредени професии и организациски практики – објаснува Мицковска-Ралева.


Женски успех - машка професија

Девојчињата во Македонија имаат подобри постигнувања по математика за разлика од момчињата, но на што се должи тогаш резултатот „женски успех, а машка професија“? Анализата на  Мицковска-Ралева покажува дека проблемот на родовиот јаз во техничките занимања веројатно не се должи на недоволниот интерес за математика и технички науки во текот на образованието. Резултатите од меѓународните тестирања укажуваат дека девојчињата постигнуваат или подобри резултати од момчињата или дека нема разлика во постигнувањата помеѓу учениците од двата пола. Во анализата се заклучува дека и покрај добрите постигнувања на девојчињата и интересот за математика и природни науки во основното и во почетокот на средното образование, значително помал број од нив професионално се определуваат за некое од овие подрачја. Иако Заводот за статистика не води евиденција за вработените според занимање и пол, професионалната ориентација може да се увиди преку структурата на запишаните студенти на различни високообразовни институции, се вели во оваа анализа.
- Податоците укажуваат дека односот на запишани студенти на сите наставни години на техничките/математичките факултети според пол е 1:2 до 1:3 во корист на машките. Областите каде што има поголем број женски студенти се обично оние што водат кон професии во образованието, како на пример професори/ки по математика, физика итн. Ова упатува на фактот дека и оние жени што избираат да ги изучуваат математичките и техничките науки, сепак, својата професионална кариера ја гледаат во област која традиционално се смета за „женска“ – вели Мицковска-Ралева.
Таа, сепак, потенцира дека иако жените во помал број се запишуваат на техничките факултети,  од година на година заинтересираноста расте.





Девојчињата имаат помала самодоверба

Светските истражувања покажуваат дека девојчињата во поголем стапен чувствуваат страв и анксиозност и недоверба во своите способности за решавање математички проблеми, а значаен фактор во промоција на родовите стереотипи поврзани со математиката и природните науки се наставниците. Тие ги проценуваат способностите на девојчињата како пониски од оние на момчињата дури и кога нивните математички постигнувања, однесување, пристап кон учење, социо-економски статус итн. се еднакви. Наодите укажуваат дека она што го предизвикува проблемот е всушност јазот во самодовербата, а не интересот за математика помеѓу учениците од двата пола.
- Иако нема слични студии што се однесуваат на Македонија, доколку се анализираат податоците од последното меѓународно тестирање по математика и природни науки (ТИМСС, 2011), на кое учествуваше Македонија, во најголем дел од прашањата што се однесуваат на ставови за математиката не се забележуваат големи разлики помеѓу машките и девојчињата. Она што може да се забележи е дека се потврдуваат наодите на различни студии, конкретно дека девојчињата се поанксиозни кога станува збор за математика и повеќе се наклонети да се конформираат на она што од нив го бара наставникот. Од друга страна, машките ученици во поголем број се перципираат себеси како добри математичари и гледаат на математиката како потребна за нивното идно образование и професија – вели Мицковска-Ралева.

Скопските ученици повеќе ја сакаат информатиката од соученичките

За да ги испита овие наоди, Центарот за истражување и креирање политики спровел истражување со цел да ги утврди ставовите и перцепциите за наставните предмети математика, информатика и физика и да ги анализира од родов аспект. Во истражувањето биле опфатени 489 средношколци од шест средни училишта во Скопје.
- Резултатите покажаа дека иако во целина нема големи разлики помеѓу девојките и момчињата во поглед на ставовите кон математиката, првите изразуваат поголема самокритичност кон своите способности, дури и во ситуации кога нивните постигнувања се проценети на исто ниво со соучениците од спротивниот пол. Девојките имаат тенденција да ги потценуваат своите способности, што влијае и врз нивното чувство на анксиозност при решавање математички задачи – објаснува Мицковска-Ралева.
Истражувањето покажало дека родовите разлики се најмногу нагласени во поглед на ставовите за информатиката. Конкретно, иако 60% од сите анкетирани ученици изјавиле дека сакаат информатика, најголем број (76,4%) од нив се машки, додека 46,8% се женски.
- Како и во примерот со математиката, девојките се посамокритични во поглед на своите способности. Сепак, она што е позначајно е дека тие во помал број го сметаат за интересно она што го учат по предметот информатика во споредба со соучениците. Тоа укажува на фактот дека програмата можеби е поприспособена на интересите на машките ученици и треба да се размисли за начини на кои би можела да се приспособи за да биде порелевантна за ученичките – вели таа.
За ученичките да ја зголемат својата самодоверба во поглед на природните науки и да се поттикне нивниот интерес за техничките професии, во анализата има низа препораки, како можноста за нивна експонираност кон технологијата од најрана возраст преку различни забавни и едукативни формати од страна на семејството, рушење на негативните стереотипи поврзани со природните и техничките науки и тоа преку позитивен став на семејството, запознавање со успешни женски фигури од сферата на технологијата, едукација на наставниците/професорите, како и промовирање политики за еднакви можности за вработување на мажи и на жени.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование