X
 17.02.2021 Образование

Утре завршува проверката на документите. За наставници-ментори ќе се бара мислење од БРО и од училиштата

Откако ќе се знае кои кандидати ја поминале првата фаза, ќе се бара мислење од Бирото за развој на образованието (БРО) и од училиштата каде што се вработени, а потоа, согласно одредбите во Законот, Правилникот, јавниот повик и дефинираната процедура, се објавува конечната ранг-листа со наставници што ќе бидат унапредени

Комисиите за проверка на исполнетоста на професионалните стандарди за звањето наставник-ментор имаат обврска до утре да извршат проверка на поднесените барања и документацијата на апликантите, со што ќе заврши првата фаза во целата постапка. По неа ќе се бараат мислења од Бирото за развој на образованието - БРО и од училиштата во кои се вработени тие што конкурирале.
За вкупно 355 места, на јавниот оглас за напредување во звање се пријавиле 911 наставници од сите општини во државата.

- Откако ќе се знае кои кандидати ја поминале првата фаза, ќе се бара мислење од Бирото за развој на образованието и од училиштата каде што се вработени, а потоа, согласно одредбите во Законот, Правилникот, јавниот повик и дефинираната процедура, се објавува конечната ранг-листа со наставници што ќе бидат унапредени - информираат од Министерството за образование и наука.
Наставниците со звање наставник-ментор, освен задолженијата како наставник, ќе треба и да менторираат наставници-приправници, да им бидат ментори на студенти од факултетите, т.е. на идни наставници, како и да менторираат наставници што имаат поддржан професионален развој. Освен тоа, наставникот-ментор ќе треба да користи и иновативни приоди и помагање на колегите во спроведување акциски истражувања, како и да учествува во изготвување развојни политики на училиштето. За овие дополнителни обврски, менторот ќе има за 2.869 денари повисока месечна плата.
Во јавниот повик на МОН беше наведено дека за да се стане наставник-ментор, потребно е наставникот да има седум години работно искуство, да е вработен на неопределено време, како и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник-ментор. Третиот услов за практичарите беше дискутабилен и за тоа, Факултети.мк веќе пишуваше:

Наставниците се збунети по повикот за менторство

Митко Чешларов од БРО неодамна потсети дека има четири нивоа на кои наставниците може да напредуваат - прво се станува приправник, па наставник, па по седум години - наставник-ментор и наставник-советник. Во сите нивоа платата е сè поголема.

- Првпат во кариерата на наставникот има звања со кои тој напредува, а на тој начин и се мотивира. Досега платите на наставниците се зголемуваа линеарно, на сите по 5 отсто, без оглед дали некој заслужил или не. Овој пат се добива многу, унапредувањата ќе значат далеку поголема сатисфакција. Изборот нема да биде пристрасен, нема да биде партиски и нема директорот да одбира. Првпат тие што се квалитетни ќе добијат звања, а целта е да почне да функционира системот на образование и кариерен развој и сите да сфатат дека може да напредуваат. Оваа реформа не е парцијална, туку е сеопфатна - појасни Чешларов.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование