X
 13.01.2016 Образование

Кај некои наставници учениците се мирни на час, кај други - агресивни. Во што е проблемот?


 
Отсекогаш имало наставници и професори во основното и во средното образование, кај кои на часовите има преубава работна атмосфера, сите се мирни и се сконцентрирани на работата. Кај нивни колеги пак, на часовите има недисциплина, разговори на часот, а наставникот е немоќен да постави каков било ред во училницата. Од каде ваквите разлики кај различните наставници?

Во врска со ова, за „Факултети.мк" зборува еден долгогодишен училиштен педагог од едно основно училиште од внатрешноста, кој инсистираше да остане анонимен.

Не им обрнуваме внимание на децата

Агресивни деца се оние кои имаат проблем со однесувањето, кои имаат ниско ниво на самопочитување, кои имаат чувство на лутина и кои имаат желба за внимание. Значи ли ова дека ги игорираме децата? Да. Не им обрнуваме доволно внимание како родители и како наставници, вели педагогот.

- Училиштето стана мегдан за натпревар во тоа кој ќе направи поголема ујдурма. Херои се оние кои на наставникот нешто му подвалиле и за тие херои се прераскажува со денови. Значи ли ова дека само ние наставниците сме причина за негативното однесување на учениците? Можеби да, можеби не. Делумно? Која е тајната на наставниците кои имаат добра дисциплина на часот, а истите ученици кај друг наставник се бубалчиња и вредни плечи. Се случува наставникот да влезе во одделението, да го остави дневникот да почне да си работи некоја своја работа, а на учениците да им каже да ги отворат учебниците и да си читаат во себе, додека еден ученик чита на глас. Најчеста ситуација кога наставникот е ангажиран , солидно се подготвил за часот, добро ја научил и од А до Ш им ја раскажува на учениците, без да дозволи тие да го прекинат додека тој предава. Потоа ги прашува дали им е јасно, им дозволува да постават прашања, но најчесто не се поставуваат веќе заборавиле што сакаат да прашаат. И во двата случаи наставникот заборава што му е работата - да ги поучува наставниците, а не да работи нешто друго на часовите и не да си ги прераскажува лекциите. Во нашите училишта доминира предавачка настава, од која децата се веќе многу уморни, па дури и фрустрирани. Како резултат на тоа се јавува недисциплинираноста, незаинтересираноста на часот, бегањето од часови – објаснува педагогот.

Променете го начинот на работа со учениците

Според него, најважно од се` е да се промени начинот на работа со учениците. Наместо фронтална настава, да се изведува проблемска настава, а цел на наставата да стане оспособувањето за критичко мислење и да се научи ученикот како да учи.

- Има наставници кај кои учениците се мирни и работат. Во прашање се неколку дидактички принципи: не оставајте ги учениците без работа која треба да биде прилагодена на нивната возраст, изградете правила на однесување во училницата кои ќе важат поднеднакво за сите па и за наставникот (од недоцнење на час, до незборување на мобилен телефон), постојано имајте ги на око што работат, не се занимавајте со друга работа на часот. Важно е се` што мислите дека може да се случи - превенирајте, не чекајте да се случи па да интервенирате. Пофалете ги учениците. Бидете доследни во казните. Никогаш не ги навредувајте како личности и не им се подсмевајте и не бидете цинични со нив, не заплашувајте и не се заканувајте со нешто што не моижете да го исполните – додава долгогодишниот училиштен педагог.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование