X
 18.10.2018 Технологија

Технологијата ќе овозможи четиридневна работна недела

Ако имате канцелариска работа, ако работите во ресторан или сте возач на такси или на камион, треба да бидете загрижени што ќе се случи со вашето работно место за пет до десет години. Иако моментално ни се чини дека автономните автомобили и камиони со кои ќе управува компјутер ќе дојдат во далечна иднина и иако веруваме дека ниеден робот/софтвер не може да го замени живиот келнер, факт е дека напредокот на полето на вештачката интелигенција, машинското учење, автоматизацијата итн, е толку голем, што ваквите сценарија за роботи што ќе ги заменат луѓето се навистина реални.

Дел од научниците тврдат дека роботите и вештачката интелигенција ќе ни го олеснат животот бидејќи ќе преземат дел од помалку интересните професии, додека за луѓето ќе се отворат нови можности за поинтересни и покреативни професии.

четири дена
Фото: Getty Images


Но, како што покажува истражувањето на организацијата „Сошал маркет фондејшн“ (SMF) од Велика Британија, роботите и вештачката интелигенција би можеле да им помогнат на луѓето и да им овозможат поквалитетен и помалку стресен живот, но не така што ќе преземат дел од професиите, туку така што ќе се зголеми ефективноста на постојните професии.

Ако вработените ја користат технологијата за поголема ефективност, за пократко време би реализирале многу подобри резултати од моменталните, со што би се отворила можност за четиридневна работна недела.

Не треба ни да се спомене колку на луѓето би им значел уште еден слободен ден во неделата - времето би можеле да го поминат со децата, спортувајќи, едуцирајќи се дополнително и би биле многу посреќни.

Сепак, колку и да звучи одлично, јасно е дека станува збор за еден вид утопија бидејќи ако работодавецот може да реализира поголема ефективност, повеќето луѓе нема да добијат слободен ден, туку оваа ефективност ќе се искористи за зголемување на производството, односно приходите (што би можело да доведе до зголемување на платата на вработените). Исто така, ова би можело да доведе и до откази бидејќи ако е потребна помалку работа за ист вид работа, дел од работодавците на вработените би им дале откази и тој дел од заработката би си го ставиле в џеб.

Главната секретарка на британскиот Конгрес на синдикатите, Френсис О’Грејди, ја поддржува идејата за четиридневна работна недела и неодамна го критикуваше Џеф Безос, најбогатиот човек во светот, кој води компанија вредна милијарди долари, бидејќи неговите работници на работа колабираат од исцрпеност, додека тој се богати на нивна сметка.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија