X
 19.03.2024 Наука

Можат ли мртвите сателити да го ослабат магнетното поле на Земјата?

Огромното „соѕвездие“ од сателити на „Спејс екс“ е атрактивен спектакл, но тоа е и во центарот на големи контроверзии кои варираат од грижи за вселенски отпад до жалби од астрономите дека ги блокира нивните набљудувања на небото.

Сега нов спорен и сѐ уште нерецензиран труд сугерира уште покатастрофална последица од мрежата на „Старлинк“. Како што сателитите горат во нашата атмосфера, нивната магнетизирана „прашина“ може да ја загади нашата атмосфера и да го ослаби магнетното поле на Земјата, кое се протега илјадници милји во вселената и нѐ штити од опасната космичка радијација.

- Бев шокирана од сѐ што дознав и што никој не го проучува ова. Мислам дека е навистина, навистина алармантно - вели Сиера Солтер-Хант, докторанд на Универзитетот во Исланд.

Таа проценува дека е можно количината на метални честички во нашата атмосфера да се зголемила милион пати од почетокот на вселенската ера. Како што се лансираат сѐ повеќе комерцијални сателити, кои потоа горат, бројот може да се зголеми и за милијарда пати, а поголемиот дел од прашината од мртвите сателити да се акумулира во горниот регион наречен јоносфера и може да остане таму засекогаш. Тоа би можело да формира „совршена спроводлива мрежа околу нашата планета“, која ако се наелектризира, би го блокирала нашето заштитно геомагнетно поле да не се прошири над јоносферата. Во најекстремниот случај, надворешните краеви на нашата атмосфера, кои повеќе не би биле целосно заштитени од геомагнетното поле, со текот на вековите би биле „соголени“ од големата радијација.

Дали распаднатите останки од неколку стотици илјади сателити навистина може да се доволни за радикално да се промени магнетното поле на Земјата? Многу експерти се скептични.

- Дури и со дискутираната густина, постојана спроводлива обвивка како вистински магнетен штит не е веројатно да се создаде - вели Џон Тардуно, планетарен научник на Универзитетот во Рочестер, кој додава дека некои од хипотезите во трудот се преедноставни и не е веројатно да се точни.

Исто така, не е јасно дали некогаш ќе има толку многу сателити во орбитата. „Спејс екс“ досега лансира околу 6.000 и „Амазон“ планира да распореди 3.200. Тоа се огромни мултимилијардерски проекти кои не се ни приближно блиску до пресметката од еден милион на која Солтер-Хант ги базира нејзините претпоставки.

Сепак, други научници велат дека ако ништо друго, трудот нагласува колку малку знаеме за загадувањето на нашата атмосфера со метал или како овие сателити би можеле да влијаат врз здравјето на нашата планета.

- Овој проблем не треба да се игнорира. Ова треба да се разгледа како сосема нов феномен - вели Фиона Томпсон, физичар при Универзитетот во Дарам, Англија.

Извор: Futurism
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука