X
 21.04.2024 Живот

Тајната на „Титаник“ - бројот на чамци за спасување бил намален за подобар поглед од првата класа

Пред 112 години, на 15 април, луксузниот брод „Титаник“ однесе над 1.500 животи со себе, а неговите остатоци сè уште лежат на морското дно.

Користејќи ја новата технологија, „Титаник“ сега пречекува нови гости, но дигитално. Имено, американскиот аниматор Џеред Овен пред една година на „Јутјуб“ објави дигитална претстава на бродот од секој агол, токму онака како што изгледал пред да исплови од Саутемптон пред 112 години. Ова видео открива многу непознати детали.

- Сето ова е дизајнирано рачно, за мене тоа е неверојатен инженеринг и изработка - рече Овен. При креирањето на екранот, Овен користел голем број извори, вклучувајќи го и „Нешнл џиографик“, изданието „Титаник“ од серијата книги, а потоа се потпрел на програма за создавање 3Д-содржина за да ги оживее сите собрани информации.

Неговото видео ги прикажува сите 10 палуби на „Титаник“, вклучувајќи ја и бродската палуба на самиот врв. Дел од причината за недостигот на чамци за спасување била тоа што дизајнерите не сакале да ја преполнат палубата на бродот и на тој начин да го блокираат погледот на Атлантикот за патниците од прва класа.

Друг интересен факт е дека имало две големи скалила на „Титаник“, и двете ограничени само за патниците од прва класа. Далеку повеличествено било предното големо скалило, кое било украсено со дабов ѕид со часовник во средината, местото каде што Џек и Роуз се среќаваат во филмот на Џејмс Камерон од 1997 година.

Овој брод нудел различни луксузи, како што се фитнес-сала, терени за сквош, турска бања, сала за гимнастика и базен - првиот на брод. „Титаник“ бил и „кралски поштенски пароброд“, што значи дека бил законски нарачан од британската монархија да носи писма и пакети. Според Националниот поштенски музеј „Смитсонијан“, бродот превезувал меѓу шест и девет милиони предмети наменети за Њујорк. Целата пошта на „Титаник“ била изгубена кога бродот потонал околу 2:20 часот, по два часа и 40 минути откако удрил во сантата мраз.



Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот