X
 27.01.2021 Живот

Полицаец со цвеќе ѝ се извинуваше на жената што ја повреди, демонстрант сам им се спротивстави на полицајците: Како изгледаа протестите во Русија

Протестите за поддршка на рускиот опозиционер Алексеј Навални, одржани на 23 јануари, се најмасовните демонстрации во историјата на модерна Русија. Протести се одржаа во 122 градови низ Русија, повеќе од 3.700 лица беа приведени, а неколку сцени го обиколија светот благодарение на многубројните новинарски екипи што известуваа.

Руските власти не издадоа дозвола за тие јавни собири, а по протестите соопштија дека десетици полицајци се повредени.

Првите двајца обвинети за напади на полицајци беа уапсени во Москва во вторникот, пренесува Би-би-си, а станува збор за млади мажи од единствената мнозинска будистичка држава во Русија, наречена Република Калмикија. Политичките претставници на Европската Унија и на САД ги осудија постапките на полицијата, а некои предлагаат нови санкции против Русија.

Поддржувачите на Навални го најавија следниот протест за недела, 31 јануари.

Демонстрантите во Москва одбранија Чеченец од полицијата


Млад човек ги тепа полицајците со рацете и нозете, а додека тие му одговараат со палки, други демонстранти му помагаат и го тргаат од полицијата. Оваа сцена беше снимена од една од камерите од топлата, а видеоснимката стана вирална на социјалните мрежи.

Подоцна се појави информација дека станува збор за млад човек од Чеченија, а еден инстаграм-корисник ги објави името и презимето на младиот човек. Веднаш беше остро критикуван од другите корисници.

- Што ќе се случи сега? Ќе чекаме на каналот „Грозни“ (чеченска државна телевизија) да го гледаме како се извинува? - алудирајќи на тесната соработка на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров со претседателот на Русија, Владимир Путин.

Следниот ден чеченскиот пратеник Адам Делимханов објави видео на „Инстаграм“ во кое се обраќа на чеченски јазик и во кое ги нарекува демонстрантите ѓаволи, а го критикуваше младичот наведувајќи дека веќе разговарал со неговиот татко.

Чеченија е традиционална, претежно муслиманска заедница.

- Она што го сторивте е кривично дело и луѓето како Навални, кои поддржуваат бракови меѓу мажи, за нас се неприфатливи. Ако знаете што е храброст, што значи да се биде Чеченец и муслиман, ќе ме контактирате преку „Инстаграм“ -  изјави пратеникот, ветувајќи дека ќе му помогне на младиот човек законски да ги реши проблемите во кои се впуштил.

Тој му порача на младиот човек дека ако го поддржува Навални, не смее да се крие, туку да оди докрај.

- Знаеме што да правиме со луѓе како тебе. А ако не го поддржувате Навални, нашиот лидер Рамзан Кадиров ќе ви помогне - заврши со своето обраќање пратеникот.

Медиумите што стапиле во контакт со семејството на момчето тврдат дека тоа било удрено по главата и дека во моментот кога тргнало да удира на полицијата било непресметливо.

Полицаец шутна жена, а потоа ѝ однел цвеќе во болница

Големо внимание привлече и инцидентот што се случи во Санкт Петербург кога полицаец со нога ја удрил 54-годишната Маргарита Јудина во стомакот. Од силниот удар жената паднала, па била пренесена во болница каде што ѝ биле констатирани потрес на мозокот, затворена фрактура на черепот и хематом на задниот дел од главата.

Нема да биде поведена кривична постапка против полицаецот бидејќи шефот на работната група на руската Дума за информатичка политика, Александар Хинштејн, го повлекол барањето за поведување кривична постапка, кое претходно го испратил до обвинителството.

- Детално разговарав за ситуацијата со раководството на министерството за надворешни работи и обвинителството - напиша Хинштејн на Твитер.

- Полицаецот претходно беше нападнат, па жената што му истрча во пресрет ја виде како закана и затоа реагираше толку жестоко. Тоа го менува погледот на направеното, па затоа го повлекувам моето барање - напиша Хинштејн.

Веб-страницата „Маш“ пренесува дека началникот на полицијата ја посетил жената во болница и ѝ се извинил неколку пати во име на сите подредени и ѝ ветил дека виновниците ќе бидат казнети.

- Ова претставува пречекорување на овластувањата и е неприфатливо - се наведува во соопштението на полицијата.

Во неделата и полицаецот што ја удрил ја посетил Јудина во болницата и ѝ однел букет хризантеми.

- Му простувам на полицаецот затоа што сфаќам дека младите се во тешка позиција. Јас сум православна и им простувам на сите - рече повредената жена.

„Земи ме мене наместо нив“

Случаен минувач во Санкт Петербург му предложи на полицаец да го приведе него наместо човекот што го уапси.

На видеото што се појави на социјалните мрежи се гледа како полицијата приведува млад човек кој прегрнува девојка што плаче. Случајниот минувач му вели на полицаецот: „Земи ме мене, а нив пушти ги“.



Полицаецот се согласил и го однел човекот до полициското комбе.

Но, како што објавуваат медиумите, полицијата подоцна ги уапсила сите што го гледаа овој инцидент.

Извор: BBC
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот