X
 01.04.2021 Наука

Експерти од Хрватска и од Босна и Херцеговина користат пчели и дронови за детектирање мини

Пчелите се добри за многу работи, а една од нив е препознавањето бомби. Тие може да намирисаат експлозиви, па затоа се користат како локатори на мини во Хрватска и во Босна и Херцеговина.

Тешко е да се следи постојаното движење на пчелите, а и нивното бркање во близина на мини не е најпаметна идеја, па затоа експертите користат дронови. Експерти од Босна и Херцеговина и од Хрватска смислиле начин за користење дронови за набљудување на пчелите. Дроновите ги снимаат инсектите, а компјутерите подоцна ги анализираат кадрите за да препознаат каде може да се кријат мини од војната во 90-тите години.

Се проценува дека има 80.000 мини во Босна и Херцеговина и уште 30.000 во Хрватска.

- Сакавме да не ги ставаме луѓето во потенцијална опасност и да користиме дронови - изјавил Владимир Рисојевиќ од Универзитетот на Бања Лука во Босна и Херцеговина.


Фото: Pixabay

Претходно, друг тим на истражувачи открил метод за тренирање на пчелите да препознаваат мини со користење на комбинација од шеќерен раствор и мирис на ТНТ. Тренираните пчели најчесто се собирале во близина на места на кои се закопани мините со надеж дека ќе најдат храна.

Рисојевиќ и неговиот тим сфатиле дека компјутерите може да им помогнат во автоматско анализирање на кадрите од овие пчели. Тие направиле алгоритам кој се покажал како 80% ефективен во препознавањето дигитални пчели во видеа. Алгоритамот потоа бил тестиран и на локација на која има деактивирани мини.

Резултатите од ова тестирање допрва треба да бидат објавени, но Рисојевиќ открил за Би-би-си дека имало поврзаност помеѓу местата на кои пчелите се собирале и местата на кои се закопани деактивираните мини.

Можеби ќе бидат потребни години за да почне да се користи овој пристап, но Рисојевиќ смета дека тој може да биде комбиниран со други техники за ископување мини. На пример, методот би можел да се искористи за да се потврди дека нема останати мини на одредена локација.

Автор: Крис Бараниук
Извор: bbc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука