Швајцарската компанија „Ембодид АИ“ го претстави АИР, робот со две раце и подвижна платформа, кој може да работи во фабрика заедно со луѓето, без потреба од заштитен кафез. На почетокот работи под надзор на оператор, а по околу еден месец може самостојно да ги извршува задачите.
Роботот беше претставен на 6 ноември на саемот „Хуманоид јуроп 2026“ во Минхен. „Ембодид АИ“ настана како посебна компанија од Швајцарскиот федерален технолошки институт во Лозана. Седиштето ѝ е во Лозана, а има канцеларија и во Рим. Од истражувачки проект до индустриски хуманоиден робот стигнале за само 9 месеци.
АИР има труп, две раце и глава, а наместо нозе, се движи на тркала. Моторите се сместени во трупот, а движењата се пренесуваат до рацете преку кабли, слично на начинот на кој функционираат тетивите. Благодарение на ова решение, рацете се лесни и попуштаат при удар во пречка или човек, што, според компанијата, е клучно за роботот да може да го дели работниот простор со луѓето.
Класичните индустриски роботи се тешки и крути, па најчесто се одвојуваат од работниците со заштитни огради или светлосни бариери.
- Безбедноста и сигурноста се услови за кои нема преговори доколку физичката вештачка интелигенција треба да влезе во реалниот свет во големи размери. Тоа беа принципите од кои се водевме при дизајнирањето на АИР - вели Франческо Стела, основач и извршен директор на компанијата.
Секоја нова задача АИР најпрво ја извршува под далечински надзор на оператор. Целиот процес се снима, а вештачката интелигенција на компанијата учи од тие демонстрации сè додека роботот не може самостојно да ја извршува задачата, што обично трае околу еден месец. Операторот и понатаму е достапен за ситуации со кои роботот претходно не се сретнал.
Истиот систем за вештачка интелигенција компанијата веќе го користи во платени пилот-проекти со роботски систем со две раце, кај производители на потрошувачка електроника и добавувачи во автомобилската индустрија. Според компанијата, просечната успешност при извршувањето на задачите во овие проекти изнесува 95 отсто, но не е објавено колку задачи биле тестирани, ниту како била пресметана успешноста. Во зависност од работата, еден АИР може да ја извршува работата на најмногу тројца работници во една смена.
Фото: Screenshot/YouTube