X
 28.10.2026 Наука

Мирис преку интернет: Научниците развија уред што може да ја „испрати“ аромата на кафето на другиот крај од светот

Истражувачите развија нова технологија која може да препознае одредени мириси, како што е карактеристичната арома на кафето, а потоа нивните информации да ги пренесе на далечина преку интернет.

Главниот автор на истражувањето, Чунју Јанг од Државниот универзитет во Охајо, објасни дека „електронскиот нос“ го детектира мирисот и податоците за него ги испраќа до генераторот на мириси на приемната страна. Генераторот потоа ослободува соодветни молекули за што попрецизно да го имитира оригиналниот мирис.

Оваа нова технологија за дигитално создавање мириси истражувачите ја нарекоа „Сцентроник“.

„Електронскиот нос“ има дијаметар од околу 15 сантиметри и е пренослив, иако не е предвиден за носење на телото. За примање на мирисот, истражувачите развија неколку верзии на генератори, вклучувајќи модели во форма на нараквица, ѓердан и уред што се држи в рака.

Технологијата засега може да препознае само пет мириси: кафе, пиво, црвено вино, портокал и колач.

Јанг наведува дека дигиталната комуникација на мириси би можела да се одвива на која било оддалеченост - од другата страна на просторијата, па сè до другиот крај од светот.

- Едноставно кажано, уредот го поврзува чувството за мирис овде со создавањето на соодветниот мирис на друго место - вели тој.

Целта на истражувачите е на постојните можности за дигитална комуникација, кои денес главно подразбираат слика и звук, еден ден да им се додаде и мирисот.

Таквата технологија би можела да отвори можности за целосно нови искуства во виртуелната реалност, образованието, забавата, но и во комуникацијата на далечина.

Замислете, на пример, за време на видеоповик не само да ја гледате и слушате личноста која е илјадници километри подалеку, туку и да можете да го почувствувате мирисот на кафето што таа во моментот го пие.

Засега станува збор за експериментална технологија со многу ограничен број препознатливи мириси. Сепак, истражувачите веруваат дека со понатамошниот развој, дигитализацијата на мирисот би можела да стане дел од секојдневната технологија.

Ако оваа технологија се развива онака како што предвидуваат научниците, интернетот еден ден би можел да добие уште една димензија.

Извор: 6yka.com
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука