X
 01.08.2019 Живот

Американците во купување минуваат сѐ помалку време

Американците трошат многу помалку време за купување за разлика од порано. Според податоците на американските служби, просечна личност во САД на возраст од 15 или повеќе години во 2018 година месечно трошела по околу 10 часа за шопинг, што е за два часа помалку од 2003 година. Тука е вклучено и времето поминато во купување лично, преку телефон или преку интернет. Податоци за навиките за купување има само од 2003 година, од кога почнаа да се прават истражувања за тоа како Американците го поминуваат времето.

Опаѓање на времето поминато во купување
Фото: Quarz

За ваквиот развој на настаните веројатно има две причини. Прво, купувањето преку интернет им штеди многу време на луѓето. Наместо да одат во неколку продавници за да си купат нешта за домот, многу луѓе сега тоа го прават преку компјутер или телефон. Уделот на сите малопродажби извршени преку интернет се зголемил од помалку од 2 отсто во првата четвртина на 2003 година на околу 10 отсто во 2019 година. Луѓето кои живеат подалеку од продавниците е поверојатно да се префрлат на купување преку интернет, покажува неодамна објавен труд на американското Национално биро за економски истражувања. Авторите на студијата сугерираат дека луѓето во руралните области и помалите градови имаат најголеми придобивки во однос на заштедено време и пари од онлајн купувањето.

Втората причина за опаѓањето се хипермаркетите. Ланците на продавници како „Валмарт“ и „Таргет“ им олеснија на луѓето да испазарат сè наеднаш. Како што истакна економистот Даниел Хамермеш, наместо да купуваат чевли во една, намирници во друга и кујнски прибор во трета продавница, многу купувачи го прават сето ова во само една продавница. Процентот на купување во вакви хипермаркети во 2010 година бил трипати поголем за разлика од 1995 година. Ова значи помалку одења во продавница.

Опаѓање на времето поминато во шопинг според старосни групи
Фото: Quarz

Речиси секоја старосна група во САД троши помалку време на шопинг, но најголемо опаѓање има кај младите. Кај Американците на возраст меѓу 15 и 34 е забележан најголемиот пад, а тоа најверојатно е затоа што младите консументи повеќе сакаат да купуваат на интернет.

Па, што прават луѓето во тоа време кое порано го користеле за шопинг? Податоците покажуваат дека Американците повеќе гледаат телевизија, повеќе играат игри, минуваат повеќе време со нивните деца и повеќе спијат. Сето ова секако е попријатно од чекањето ред на каса во маркет.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот